Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев и претседaтелскиот кандидат Стево Пендаровски на митингот од Куманово порачаа дека одлуката на изборите е важна, затоа што земјата, во име на европски животен стандард за младите и европска иднина, мора да продолжи сплотено ,,Заедно напред” и повикаа на масовна излезност на изборите на 21 април и на 5 мај.
„По победата на режимот, по победата на парламентарните и на локалните избори, да добиеме и нов претседател на државата, кој нема да личи на претходниот”, повика претседателскиот кандидат Пендаровски. Тој посочи на „сопирачките што ги правеше на секој добар потег на Владата и на патот во евро-атлантските интеграции”.
„Денес нема исклучени, нема привилигирани, нема заборавени. Со внатрешната кохезија и со евро-атлантските интеграции, оваа и следната година со право се прогласени за економски години. 625 милиони евра имаме странски директни инвестиции само во 2018, со заокружување на полноправното членство во НАТО, ќе бидат и повеќе. Со отворањето на претпристапните преговори со ЕУ, ќе ни бидат достапни фондови од стотици милиони евра. 20 години досега, златни деца изгубивме – имаме големи шанси за позитивен економски развој, тука да основаат семејство, да отворат бизнис, да работат”, посочи претседателскиот кандидат Пендаровски.
„На овие избори има само една успешна опција за нас и за нашата држава. Тоа е концептот што со сите сили, незапирливо, ја турка земјата напред во западниот цивилизиран демократски свет, кон ЕУ и НАТО и кон економски напредок. Тоа е концептот на Стево Пендаровски. Другиот концепт е за враќање назад, за изолација, за поделби, за бесперспективност, неизвесност, заложништво, калкулантство. Тоа е концептот на Гордана Сиљановска. Тоа не е опција. Нови блокади, сопирачки, назад е ќорсокак, не опција. Нема тоа да го дозволиме”, рече Заев.
Тој се обрати директно на младите луѓе. ,,Ајде во уште една акција. Бидете одлучни и одговорни кон својата иднина. Гласот за Стево Пендаровски е глас за европски можности во вашата родна земја, за европско образование, европски плати, европски животен стандард. Ќе живеете, патувате, работите со шанси како вашите врсници во Европа. На тој пат сме драги млади луѓе. Вашиот глас вреди. Вашиот глас одлучува. Не коцкајте се со сопствената иднина. Не дозволувајте други да ја повлечат вашата иднина назад. Очекувам да бидете вистинска авангарда во изборот на претседател на државата“, ги повика младите претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев да дадат поддршка за бројот три и Стево Пендаровски.