12.8 C
Скопје
11. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Донаторска акција „Нахрани 10.000“ во 10 града во Македонија

Националната хуманитарната акција „Нахрани 10.000“ за собирање храна, која е во организација на здружението „Сите сити“ во Црвениот крст, е национална акција за донирање храна на одбрани локации и нејзино дистрибуирање до социјално загрозените граѓани.

Целта е на граѓаните да им се даде можност да донираат храна до нашите сограѓани преку собирање 10 тони храна, која ќе заврши во рацете на 10.000 граѓани.

Хуманитарниот чин ќе се одржи на 16 април по повод „Неделата на солидарноста“ и ќе почне во 10 часот и ќе трае до 18 часот. Акциите ќе ги има на 29 локации во 10 града во Македонија, и тоа: Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Струмица, Радовиш, Кочани, Виница, Гостивар и Гевгелија.

Се препорачува сите хумани граѓани да донираат храна што не е лесно расиплива, како: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, кокошкина супа, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.

„Според Државниот завод за статистика, во Македонија со проблем да обезбедат храна се соочуваат 445.099 луѓе и во просек имаат по еден оброк дневно. Од друга страна, годишно во Македонија се фрлаат околу 12.000 тони вишок храна, што претставува речиси 26.000 граѓани да имаат по три оброка дневно. Нејзината вредност се проценува на најмлаку 11,6 милиони евра, што може да се искористи како нова програма за социјална заштита“, наведуваат од здружението „Сите сити“.

Организациите членки на „Сите сити“ водат евиденција за разни категории социјално загрозени граѓани, кои имаат потреба од оваа храна. Храната ќе се пренесува во вид на неделни/месечни пакети. Дел од храната граѓаните сами ќе го подигнуваат, дел ќе се носи до нивните домови. Податоците со кои располагаат организаторите за тоа кои семејства се социјално загрозени се добиени директно од Заводот за статистика во однос на просечните примања за четиричлено семејство во Македонија. Кога ќе се распредели во денови и оброци, а притоа се спореди со цената на чинење на еден нутритивен оброк определена од Министерство за труд и социјална политика, 1 од 5 луѓе во Македонија не може да си ги дозволи сите оброци во текот на една година.