14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Во Градскиот парк ново катче во кое децата ќе се соживеат со природата

Градоначалникот Шилегов денеска оствари средба со групата на волонтери од Бон, Германија, кои изминатиов период работеа на креирање ново катче и инсталација во првиот дел од Градскиот парк.

Како што информираат градските власти, новото катче се состои од кружна патека од различни материјали.

„Парчиња од дрво, природни камења, тревник, калдрма, цементирани плочи и други материјали кои ја подобруваат циркулацијата, односно ќе треба да го поттикнуваат движењето, да ги активираат сетилата, а со тоа да даваат и добар здравствен ефект кај децата. Идејата е децата да газат и да се движат боси, а до самата патека ќе биде поставено и шкафче за чевли. Во средината на катчето ќе биде поставен сончев часовник каде што преку сенката на детето ќе може да се види колку е часот“, се објаснува во соопштението.

Шилегов им се заблагодари на Антје Калер и Никлас Рот, консултанти од Одделот за финансирање на градот Бон, кои работеа на овој проект.

Нивната прва посета во Скопје била минатата година со уште петмина едукатори со кои заеднички размислувале за изработка на креативен проект во градот.

Во реализацијата на оваа нова содржина вклучени биле седум тренери, стручни волонтери, вработени од областа на театарот, градинарството и хортикултурата од градот Бон, како и претставници од ЈП „Улици и патишта“ и ЈП „Паркови и зеленило“.