Под мотото волонтираме и донираме за солидарно општество во Музејот на Град Скопје, сопругата на заедничкиот кандидат за претседател Стево Пендраовски, Елизабета Ѓорѓиевска, организираше донаторска акција за Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“. Во акцијата се донираа детски книги и сликовници со кои комплетно ќе се опреми книжевно катче со детска литература на македонски и албански јазик.
„Ви благодарам на сите што одвоивте од вашето време и се одзвавте на оваа иницијатива. Освен што го наполнивте просторот во Музејот со вашето присуство, го наполнивте и моето срце бидејќи уште еднаш докажавте дека сме народ со емпатичност и добрина кој знае и сака да помогне на оние на кои помошта им е најпотребна. За нас, ова е можеби симболичен гест, но за децата кои со денови, некогаш недели и месеци престојуваат во Институтот за белодробни заболувања ‘Козле’, многу значаен, а книгите кои ги дониравте барем малку ќе го олеснат нивниот престој и лекување во болницата. Во оваа пригода би сакала да упатам апел до сите, дека граѓанските иницијативи не треба и не смеат да се маргинилизираат, напротив, секогаш кога се случуваат, треба да се поддржат. Токму затоа, ваквите иницијативи секогаш ќе ја имаат мојата безрезервна поддршка и ќе бидат на врвот на моите приоритети“, изјави Елизабета Ѓорѓиевска.
Во оваа пригода, Ѓорѓиевска се заблагодари и на компаниите и институциите кои ја поддржаа акцијата, меѓу кои: МОБ, Комунална хигиена, градинките „Колорес“ и „Раде Јовчевски – Корчагин“, ООУ „11 Октомври“ и други. За сите оние кои поради своите обврски беа спречени да дојдат во терминот на настанот, вратите на Музејот остануваат отворени за донации и во текот на следната недела.