Висока делегација на Сојузот на стопанските комори (ССК), предводена од претседателката Данела Арсовска, традиционално и годинава учествува на 8. самит и економски форум на шефовите на влади на Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Во рамките на економскиот форум, на кој учествуваат над 1.000 делегати, се остварија средби во насока на понатамошното проширување на соработката со Кина и земјите од Централна и Источна Европа како дел од платформата 16 + 1, а во фокусот годинава е трансферот на знаења и технологии.
„Извоз, инфраструктура, иновации и инвестиции се во фокусот на годинешниот 16+1 економски форум на тема ‘Градење нови мостови преку отвореност, иновација и партнерство’. Секоја година од почнувањето, Сојузот е вклучен во иницијативите на НР Кина за зголемување на деловната соработка, со посебен акцент на промовирање на кинескиот мегапроект ‘Еден појас, еден пат’ за инфраструктурно и економско поврзување на Азија, Европа, Африка и на Блискиот Исток. Годинава, особен акцент е ставен на иновациите како глаболен тренд, кои ја зголемуваат конкурентноста и генерираат раст во сите сектори на стопанството и се еден од најважните двигатели на економски развој во современите економии. Одржливиот економски раст во голема мера зависи од степенот на инвестиции во технологии, истражување и иновации. Пред две години во Унгарија остваривме успех со потпишување 7 договори за трговски партнерства со НР Кина, а минатата година во Бугарија ја воспоставивме билатералната платформа за зајакнување на соработката помеѓу компаниите од двете земји за зголемување на трговијата и заедничките вложувања на нашиот пазар. Годинава, потпишуваме договор за дополнително зајакнување на добро воспоставените деловни релации и склучување нови партнерства преку трансфер на знаења и технологии“, изјави Арсовска.
Економскиот форум и индивидуалните состаноци со претставниците од Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа годинава е во организација на хрватското Министерство за економија, претприемаштво и занаетчиство. Претседателот на ССК е потписник на единствениот договор на Балканот за економска соработка со Кина, со што за македонските компании е отворен пат за директен пристап на најголемиот азиски пазар.
Нашата вкупна трговска размена со Кина во 2018 година изнесува речиси 500 милиони евра, остварен е извоз од речиси 56 милиони евра, а увоз од приближно 440 милиони евра. Во 2017 година трговската размена била 448 милиони евра, со остварен извоз од 55 милиони евра и увоз од 392 милиони евра. Во следната година потребно е активно да се дејствува кон намалување на трговскиот дефицит преку имплементација на склучените актуелни трговски договори.
Во согласност со анализите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) кинеските инвестиции во регионот растат, а се очекува и нивно дополнително зголемување во наредните години. Како што се наведува, порастот почнал по првиот регионален самит во 2015 година кога челниците на Кина со лидерите на земјите од регионот договорија зајакнување на економските врски. Според податоците на ММФ, најмногу кинески инвестиции се реализирани во Србија, со вкупна вредност од 2,6 милијарди евра, а потоа во БиХ – 2,1 милијарди.