26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев присуствуваше на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија, Самка Ибраимоски придружувани од министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Северна Македонија, Музафер Бајрам денеска имаа свое обраќање на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите – 8ми април.

Премиерот Заев рече дека е важно е политичкото учество на граѓаните Роми во донесувањето одлуки што се поврзани со унапредувањето на положбата на Ромите во земјата.

„ Нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики – токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво. Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина. Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, е и ден на граѓанската свест“, рече Заев.

Тој додаде дека веќе ги направиле првите чекори кон решавањето на горливите проблеми со домувањето, поседувањето лични документи, малолетничките бракови, пристапот до вработувања, до здравствено осигурување, вклученоста на Ромите во културата и образованието, на што посветено работи Министерството за труд и социјална политика, во соработка со општините и со граѓанските организации.

На сите нас, додаде Заев, од сите националности и вери – ни требаат и образовни и културни права – но потребен е и достоинствен живот. И факт е дека меѓу најзасегнатите за посочените прашања се токму граѓаните Роми.

„Подготвена е Програма за распределба на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година за поддршка на имплементација на Декадата и Стратегијата за Ромите за комунални и инфраструктурни проекти, тие се реализираат насекаде во државата. Активноста е иницирана од страна на Кабинетот на Министерот без ресор, во рамки на работна група која е составена од членови на Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа и Министерството за транспорт и врски. Овие инфраструктурни проекти ќе се надоврзат на оние веќе реализирани во минатата година во 10 општини кои имаат значителна застапеност на ромската заедница и тоа: Штип, Виница, Шуто Оризари, Делчево, Тетово, Пехчево, Берово, Кочани, Битола и Куманово – реализирани се проекти за подобрување на комунални и инфраструктурни проекти во ромските населби“, рече Заев.

Со овие ангажмани се постигнува изедначување на степенот на вклученост и интеграција на Ромите со сите други етнички заедници во земјата, истакна Заев и додаде дека толеранцијата е најважниот услов за демократски односи меѓу различните социјални и општествени групи.

Министерот Бајрам, за време на своето обраќање. истакна дека од круцијална важност е имплементацијата на Националната Стратегија за Роми која ги опфаќа реалните потреби на Ромите во областите на образованието, домувањето, вработувањето и здравството и повика на уште повисока граѓанска свест и одговорност кон потребите на ромската заедница во нашето општество. Исто така додаде дека Владата на Република Северна Македонија, цели да постигне социјална кохезија и еднаков развој и е цврсто определена да гради инклузивно општество со што ќе овозможи целосна социјална интеграција и на Ромската заедница.