23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Заев ги прекрши сите протоколи со изоставување на химната и игнорирање на гардата

Нема поголемо понижување од тоа да се срамиш од сопствената химна и сопствената гарда, а да земаш плата од државата и од граѓаните чии интереси треба да застапуваш и браниш.
Зоран Заев е човек без достоинство.Зоран Заев ги прекрши сите протоколи при вчерашната посета на Алексис Ципрас со изоставувањето на македонската химна и игнорирањето на македонската гарда, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, Зоран Заев изминатите две и пол години целосно ја обезличи државата.

„Зоран Заев откако се срамеше и плашеше да каже дека постои македонско малцинство во Грција кое говори македонски јазик, сега се срами и плаши во Македонија да застане мирно пред химната. Од тука логично е да се постават прашањата:Дали Зоран Заев се срами од македонската химна или бил уценет од премиерот Ципрас да не ја интонира? Дали Заев добил закани и кои биле заканите за да не смее да ја интонира македонската химна како што секогаш налагал протоколот кога доаѓале високи гости во земјава?Дали химната е следна за промена од симболите кои ја претставуваат државата и државноста?

Заев спроведува политики на штета на македонскиот народ. Заев се откажа од сè што е македонско. Зоран Заев го прекрши Уставот и законите на Република Македонија. Во член 25 од Закон за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија јасно стои дека: Химната на Република Македонија се изведува при испраќање на претседателот на Републиката од Република Македонија во официјални посети на странски држави и при неговото враќање во Република Македонија; при официјално доаѓање во Република Македонија, односно при испраќање од Република Македонија на претседател на држава, суверен или овластен претставник на меѓународна организација; при полагање венци на воени гробишта, гробови на паднати борци и на други слични места од страна на официјалните претставници на Република Македонија и во други случаи предвидени со закон.

Единствената цел на СДСМ, Пендаровски и Заев е понижување и омаловажување на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија. Затоа ова бесрамно однесување мора да прекине. Граѓаните мора да стават крај на бесрамното однесување на Заев и неговата копија Пендаровски.Претседателските избори на 21 април се референдум за граѓаните на Република Македонија за тоа во каква држава сакаат да живеат. Затоа граѓаните ќе изберат претседател којшто ќе се бори за зачувување и враќање на достоинството, правдата и владеењето на Република Македонија, а тоа е можно само со Гордана Силјановска-Давкова”, се додава во соопштението.