24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Нема да дозволиме изборите премногу да не’ одалечат од реформите

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи оствари средба со Регионалната директорка на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) за Европа и Заедницата на независни држави, Мирјана Шпољариќ-Егер.
На средбата беа отворени темите за тековните и идните планови на УНДП во земјата, а се разговараше и за развојните предизвици од аспект на процесот на европска интеграција, домен во кој УНДП има конкурентска предност, искуство и мандат за поддршка на Северна Македонија како долгорочен партнер.

„Во моментов сме во период на предизборие, во тек на претседателска кампања, што, иако ги забавува процесите, не треба да преставува пречка да продолжиме со спроведување на реформите за европската интеграција на земјава, и во таа смисла, стратешкото партнерство со УНДП за поддршка на агендата за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ е добредојдена “ истакна Османи, посочувајќи пролетниот Извештај за состојбите и напредокот на земјата од страна на Европската комисија, ќе го рефлектира позитивниот реформски моментум во држаавта.

Османи ја поздрави и поддршката од УНДП на Владата за искористување на процесот на интеграција во ЕУ за постигнување одржлив, инклузивен и забрзан раст согласно најдобрите практики и меѓународните и регионалните искуства, што, според него ќе значи подобрување на животот на граѓаните согласно европските стандарди.


На крајот од средбата Вицепремиерот Османи и Директорката Шпољариќ-Егер изразија силна увереност дека оваа партнерска соработка ќе продолжи и во претстојниот период, со оглед на посветеноста на Владата во поддршка на политиката на ОН ,,Никој да не заостане” (NO ONE IS LEFT BEHIND).

УНДП досега има спроведено над 200 проекти во вредност од над 66 милиони евра од осамостојувањето на земјава, од кои 27 се спроведуваат тековно со буџет од околу 19 милиони евра, и тоа поддршка за институциите, евроинтегративниот процес, мигрантската криза, ромите, локалната самоуправа итн, како и помош за отштета при природни катастрофи. Соработката помеѓу Република Северна Македонија и ОН преку програмите за развој и поддршка успешно се реализира веќе 25 години.