Во рамки на официјалната посета на премиерот на Грција, Алексис Ципрас и грчката владина делегација на нашата земја, денеска во хотелот „Александар Палас“ се одржа заеднички Бизнис форум на кој присуствуваа повеќе од 400 стопанственици и компании.
Премиерите Заев и Ципрас со свои воведни обраќања го отворија Бизнис форумот, во чии рамки вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и вицепремиерот и министер за економија и развој во грчката Влада, Јанис Драгасакис потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете земји, со кој се формира Заедничкиот комитет за економски прашања под водство на Вицепремиерите за економски прашања од двете земји.
Премиерот Заев нагласи дека денеска е историски момент во кој политичарите, бизнисмените, медиумите и граѓаните ја унапредуваат економската соработка со што се надминува состојба кога, како што рече, сме имале многу ограничен простор за економска соработка со Привремената спогодба од 1995 до целосно отворено поле за економска соработка.
„Во 2018 година, Грција стана наш втор трговски партнер. Волуменот на размената во 2018 година порасна за 20.7% споредено со 2017 година. Достигнавме меѓусебна трговија од близу 1 милијарда долари. За Република Северна Македонија трговски дефицит во 2018 година се зголемил за 30,7% во споредба со 2017 година. Ова значи дека ќе работиме активно нашите компании да се борат за го зголемат својот извоз во Република Грција со што би го намалиле ваквиот дефицит или евентуално со зголемен број на грчки инвестиции да го избалансираме овој дефицит. Грција е трет најголем странски директен инвеститор во Република Северна Македонија со вкупно 474 милиони Евра инвестиции од 1997 до 2017 година, или вкупно учество од 10.1% од странските директни инвестиции во државата. Гледајќи ги директните инвестиции од Грција во Република Северна Македонија, после негативниот тренд во 2016 година од минус 15.69 милиони евра, веќе во 2018 година имаме 25.16 милиони евра. Инвестициите го опфаќаат банкарскиот сектор, телекомуникациите, енергетиката, прехранбените и текстилните производи и градежништво“, истакна Заев.
По потпишувањето на Меморандумот за соработка, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев заедно со неговиот колега во грчката влада, Јанис Драгасакис имаа свои обраќања.
„Многу е важно да видиме кои се перспективите, а тие се многубројни. Нашата државата е упатена да соработува со Грција пред се заради пристапот на море. Немаме ние поблизок пристап на море од Солунското пристаниште и затоа многу е важно да имаме пристап таму и инфраструктурно поврзување со Република Грција. Она што сакам да го потенцирам е дека во Република Северна Македонија се добредојдени сите инвеститорите од Грција“, нагласи Анѓушев.
Како што информираат од владината прес-служба, по завршувањето на официјалниот дел од бизнис форумот се одржале бројни Б2Б средби помеѓу присутните компании.