23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Спасовски во Букурешт на средби за зајакнување на соработката во борбата против криминалот

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска во Букурешт, во рамки на еднодневната работна посета на Романија, се сретна со министерката за внатрешни работи на оваа земја, Кармен Даниела Дан.

Во фокусот на разговорот меѓу двајцата министри беше соработка меѓу двете земји, особено од аспект на продлабочување на соработката во делот на борбата против организираниот криминал, тероризмот, миграциите, компјутерскиот криминал, размена на полициски искуства на оперативно ниво, како и соработката во делот со едукација и размена на кадри меѓу нашиот Центар за обука на полициски кадри и нивната Полициска академија по европски стандарди и методи кои ќе бидат од заеднички интерес на двете институции.

Двајцата министри се согласни за потребата од назначување контакт-точки за директна соработка со што ќе се овозможи размена на брзи и точни информации од полициското работење.Исто така, на средбата стана збор и за безбедносните приоритети во рамки на актуелното романско претседавање со Европската Унија.

Покрај ова, министерот Спасовски се сретна и со генералниот директор на СЕЛЕК (Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа),Снежана Малеева, чиешто седиште е токму во Букурешт, Романија. На оваа средба министерот Спасовски беше информиран за досегашните активности на СЕЛЕК Центарот во низа области од борбата против криминалот којашто кординирано со партиципација на полициите од земјите на регионот на ЈИЕ се реализира во изминативе години, во коишто активен чинител е и нашата полиција, како и околу приоритетите за натамошно интензивирање на меѓуполициската соработка во рамките на СЕЛЕК и неговата соработка партнерите – Интерпол, САД, како и италијанската полиција со кои што оваа значајна асоцијација има партнерски договори за заемна соработка и оперативни активности.