Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, потпишаа меморандум за соработка за периодот 2019-2021 година.
Министерството за локална самоуправа и Мисијата на ОБСЕ ќе соработуваат во подобрувањето на системот на локалната самоуправа и процесот на децентрализација. Клучна активност е оценката на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа и подготовка на извештај со наоди и препораки, којшто ќе послужи за корекција на политиките и подобрување на системот.
Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, истакна дека Законот за локалната самоуправа е еден од најважните системски закони, којшто се донесува со двотретинско мнозинство и чија имплементација има директно влијание на функционалноста на локалната самоуправa.
„Законот за локалната самоуправа е првиот закон донесен по рамковниот договор и уставните амандмани. Многу е важно со анализа на нормативниот дел и директната примена од страна на општините и другите надлежни министерства да видиме дали има проблеми во имплементацијата и како можат да се надминат. Министерството за локална самоуправа инсистира на инклузивност на процесот и вклученост на надлежните министерства, на општините и на граѓанскиот сектор. Ќе продолжиме со реформите во областа на локалната самоуправа и со процесот на децентрализација, а анализата ќе ни помогне во наредната година да иницираме трансфер на нови надлежности”, рече министерот Фазлиу, којшто се заблагодари за поддршката од страна на Мисијата на ОБСЕ.
Фазлиу покажа подготвеност за соработка и во овој сегмент, особено и поради фактот што Владата со средства од буџетот на државата ги сервисираше долговите на општините и има морално право, рече Фазлиу, да го помогне процесот на транспарентност, отчетност и спречување на корупцијата на локално ниво.