Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Заев го крена Куманово на нозе, салата претесна за да ги прими сите: Создадовме модел за решавање на политички прашања, но ако продолжиме со ова темпо може да станеме и економски пример

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев учествуваше и се обрати на 6-тата трибината „Фер општество – шанса за сите“ со граѓаните и со претставници од бизнис секторот, којашто денеска се одржа во Куманово.

Посочувајќи го како град на пркосот, премиерот Заев на граѓаните на Куманово и на општината, им честиташе за обезбедениот траен мир, бидејќи како што рече премиерот Заев членството во НАТО значи трајна стабилност. Таа стабилност, како што посочи премиерот Заев веќе е реалност бидејќи 8 од 29 членки на Алијансата го ратификуваа Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

Пред граѓаните на Куманово, премиерот Заев посочи дека Република Северна Македонија е пример за останатите, како преку договор и дијалог се решаваат крупни сложени проблеми. Земјата, како што рече премиерот создаде модел како се зајакнуваат добрососедските односи.

„Договорот со Грција е совршен пример и неговата имплементација веќе ги носи првите резултати и сите ја чувствуваме рефлексијата. За помалку од 6 месеци од договорот, 2018-та година ја завршивме со 624, 5 милиони странски инвестиции, што е за 4 пати поголема сума во споредба со 2017-та година“, рече меѓу другото премиерот Заев.

Пред граѓаните на Куманово премиерот Заев додаде дека од почетокот на работењето пред околу 21 месец, Владата е посветена на отворање на перспективите за Република Северна Македонија и за нејзините граѓани.

„Невработеноста во земјата е на историско најниско ниво и изнесува 19,4 отсто, што е намалување за 3,6% за само една година. Отворени се нови 26 600 работни места. Истовремено, исполнети се очекувањата на Владата, за раст на БДП во четвртиот квартал во 2018-та и тој изнесува 3,7%“. Платите и натаму растат. Иако очекувавме до крајот на 2020-та, верувам дека до крајот на оваа година просечната плата ќе достигне до 500-тини евра“, додаде премиерот Заев.

„Ако продолжиме со овој тренд“, нагласи премиерот Заев, „освен политички пример, Република Северна Македонија ќе биде и економски пример“.

На денешната трибина, премиерот Заев уште еднаш ги повтори мерките коишто ги донесе Владата, а коишто придонесоа за големи заштеди кај граѓаните, како што се евтината дневна тарифа за струја и укинување на радиодифузната такса.

Во своето обраќање пред присутните граѓани на трибината, премиерот Заев посочи и дел од проектите коишто се важни за Куманово и кумановскиот регион, како замена и инсталација на куќни, комбинирани, индустриски и ултразвучни водомери и нивна интеграција во систем за далечинско отчитување во системот за водоснабдување на општина Куманово, во вредност 1.6 милиони евра, потоа проектот за употреба и одржување на дел од водоснабдителен систем на град Куманово, во вредност 747 илјади евра, како и изградба на пречистителна станица за вода за пиење за регионален водоснабдителен систем Липково.

Во насока на развој на тој регион, како што додаде премиерот Заев е насочувањето на 47% повеќе пари за поддршка на бизнис секторот, со крајна цел отворање на нови работни места и повисоки плати коишто ќе ги задржат младите.

„Сега немаме повеќе изговори, Република Северна Македонија може да биде достојно место за живеење. Создаваме услови, поради коишто сите ќе сакаат да останат тука“, заклучи премиерот Заев во своето воведно обраќање на денешната трибина со граѓани „Фер општество – шанса за сите“, којашто се одржа во Куманово.