25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Премиерот Заев и директорот на ЕСМ Ковачевски: Со 19 милиони евра ќе се набави механизација за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола, за што од 2008 до 2017 биле потрошени околу 230 милиони евра

Електрани на Северна Македонија, која оваа година бележи исклучително успешни резултати како континуитет на успешните деловни политики од 2017 година наваму, денеска пред граѓаните на нашата земја излегува со уште една одговорна корпорациска одлука: 19 милиони евра, како дел од добивката на компанијата оваа година, ќе биде инвестиран за набавка на помошна механизација за РЕК Битола за ископ на јаглен, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на прес-конференција во Владата, на која заедно со генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски, информираа за објавениот тендер за купување помошна механизација за РЕК Битола.

Премиерот Заев овој чекор го оцени како многу значаен кој доаѓа како резултат на темелна подготовка и на добро подготвен план и проценка според кои РЕК Битола во иднина ќе може да се потпре на сопствена помошна механизација во процесот на ископ на јагленот.

„Оваа одлука е од исклучителна важност ако се знае дека во последните 10 години за ангажирање на помошна механизација од надворешни фирми, РЕК Битола има платено околу 100 милиони евра. Заради тоа, оваа одлука на Електрани на Северна Македонија и на РЕК Битола е домаќинска одлука. Уште повеќе што очекувањата се дека постои интерес од голем број компании за учество во оваа набавка и конкуренцијата може да влијае и на намалување на планираната сумата за услугата“, нагласи премиерот Заев.

Во своето обраќање премиерот Заев додаде дека според новиот закон за јавни набавки критериумот за добивање на тендерот не е само пониската цена, туку и квалитетот, и дека е утврдена точно прецизирана формула која треба да обезбеди најдобар квалитет по најповолна цена.

„Тоа навистина е домаќински начин на однесување и грижа за извлекување на додадена вредност на инвестициите на Електрани на Северна Македонија и на РЕК Битола. Како резултат на ваквото работење, во последните две години Електрани на Северна Македонија го даваше и го дава својот придонес во процесот за прогласување на Северна Македонија за шампион во енергетиката“, рече премиерот Заев и додаде дека цената на струјата престана да расте и денес имаме најниска цена на струјата во Европа како резултат на добри политики, во интерес на државата и во интерес на граѓаните.

Денес, Електрани на Северна Македонија не купува електрична енергија. Напротив, продава енергија на европските пазари и за две години продаде енергија во вредност од 40 милиони евра.

Генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски информираше дека со тендерот ќе се набават 47 парчиња механизација за ископ на јаглен и јаловина, додека понатаму ќе се обезбеди и другиот вид механизација со што целосно ќе се отстрани потребата од ангажирање надворешни фирми.

„Тендерот е конципиран на начин да обезбеди најголема конкуренција и на огласот да се јават најдобрите светски производители на ваков вид механизација. Доколку тендерската постапка се одвива во предвидените рокови, очекуваме најголемиот дел од машините да бидат испорачани во текот на следната година“, информираше Ковачевски.

Ковачевски изнесе податоци според кои од 2008 година до денес за ископ на јаглен и јаловина и за ангажирање помошна механизација кон надворешни фирми се исплатени близу 100 милиони евра.

„Трошоците непобитно покажуваат дека од 2017-та сумите се намалуваат, и дека за разлика од 30 или 40 милиони евра годишно за ископ на јаглен сумите се симнати на 10-тина милиони, додека во исто време РЕК Битола произведува електрична енергија повеќе од порано. На пример, оваа година производството е натфрлено за 13%“, потенцираше генералниот директор на ЕСМ, и додаде дека ЕСМ и за РЕК Битола покрај зголемено производство и намалени трошоци, вложуваат во заштита на животната средина.