Сите претходни и сите сегашни политичари и функционери носат вина за масовната миграција на младите. Проблемот со иселувањето на младите е актуелен со години наназад и не е добро што државата изгуби премногу време без притоа да понуди соодветни програми и политики за намалување на тој тренд, рече претседателот Стево Пендаровски на панел-дискусијата „Како да се вратиме дома? Младинска Република Северна Македонија“, која претставуваше завршна дискусија во рамки на проектот Средиште на младински банки за Западен Балкан и Турција, финансиран од ЕУ.
„Барам тоа прашање да се тргне од меѓупартиските препукувања од дневната политичка агенда, комплетно барам да не биде дискутирано воопшто ако може, а нема да може за време на овие избори коишто доаѓаат или кампањата, бидејќи на тоа нема да добие никој поенти, бидејќи сите сме биле слаби во тој дел, од ’90-тата до денес. Сите треба да им се извиниме на македонските граѓани што не се направило доволно, барем да ги ублажиме консеквенците“, рече Пендаровски.
Осврнувајќи се на пописот во 2011 година, претседателот Пендаровски рече дека тој не успеал бидејќи тогашните политички лидери сфатиле дека голем дел од граѓаните од сите етнички заедници се иселени од земјата.
„Јас ви гарантирам уште од сега дека нема политичар во оваа држава кој не се плаши од бројките кои ќе ги види дента кога ќе ги објават. Според некакви вкрстувања на резултати, ние знаеме и сега колку не има. Многу малку не има. Сигурно половина милион помалку од бивша Југославија кога бевме“, додаде претседателот Пендаровски.
Дополнителен факт, којшто ги демотивира младите и ги тера да заминуваат во странство, како што рече Пендаровски, е длабоката политизираност на општеството. Според истражување од 2004 година, на кое посочи претседателот, тогаш 338 илјади полнолетни граѓани биле членови на некоја политичка партија. Демотивирачки за младите, додаде Пендаровски, е и фактот дека Северна Македонија не е правна држава на ниво на зрели европски демократии.
„Јас мислам дека треба, освен оваа дебата да се извлече од дневно партиски расправии, јас мислам дека ние треба на младите луѓе да им дадеме шанса да успеваат овде, со тоа што нема да им дадеме прво партиска книшка за вработување. Ако најдобрите во генерација велат мене не ме интересира политика или не сакам да се занимавам со политика, сакам да се занимавам со ова за што сум учел, дајте ми шанса. Клучната мака се вика ‘клиентелизам’, односно ќе гласам за тебе, ако ме вработиш“, заклучи претседателот Пендаровски.
Во однос на плановите на кабинетот на претседателот насочени кон младите, претседателот Пендаровски ги издвои проектите „МКД 2030“ и „Лице в лице со претседателот“. Во првиот, според Пендаровски, се вклучени околу 40 луѓе од кои половина се млади. „МКД 2030“ е еден предлог како треба да се развива нашата земја, Северна Македонија треба да фати чекор со развиените економии, бидејќи, како што рече претседателот Пендаровски, еден од начините како да ги задржиме младите дома е преку зголемување на платите. Целта на проектот „Лице в лице со претседателот“ е претседателот Пендаровски одблизу да ги слушне проблемите на сите граѓани, и онаму каде што може да помогне.