Честопати Северна Македонија е ставена на листата со рекордери во загуби на храна и отпад од храна, а истовремено се соочува со проблем да обезбеди доволно храна за ранливите социјални категории. Бројките се многу загрижувачки и покажуваат дека 460.000 жители во нашата држава немаат постојан пристап до храна, велат од Канцеларијата на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Во насока на решавање на овој проблем, денеска во Скопје претставници од релевантни институции, приватниот сектор, меѓународни организации и експерти беа дел од консултативна работилница за формулирање стратегија за намалување на загубите и отпадот од храна во Република Северна Македонија. Работилницата е дел од регионалниот проект на ФАО за техничка соработка со наслов „Стратегии за намалување загуби и отпад од храна“, спроведуван во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и граѓанската организација „Ајде Македонија“.
Република Северна Македонија заедно со Албанија, Ерменија и Молдавија е дел од овој регионален проект на ФАО, кој на национално ниво им помага на земјите во развивање и спроведување национални стратегии за намалување на загубите и отпадот од храна, приспособени на специфичните потреби на земјата и усогласени со релевантното законодавство, национални стратегии и политики за земјоделство, безбедност на храната, ублажување на климатските промени итн.
„Република Северна Македонија и покрај својата социјална и економска ситуација, не се разликува во голема мера од развиените земји, односно и кај нас постои нагорен тренд во загуби на храна. Речиси 30 отсто од храната произведена или увезена во Северна Македонија никогаш не се јаде бидејќи се расипува веднаш по берењето, во текот на транспортот или како фрлена храна од големите трговски синџири и потрошувачите“, потенцира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, на отворањето на работилницата.
Според анализите на ФАО, само приватниот сектор може да ги намали загубата и отпадот од храна во значителен обем ако се направат потребните инвестиции. Според тоа, внесувањето приватен капитал е клучно за реализирање на можностите што се нудат доколку се спречат загубите и отпадот од храна. Повеќето од потребните инвестиции треба да доаѓаат од приватниот сектор бидејќи актерите во вредносните синџири (земјоделци, производители, индустрија, но исто така и потрошувачи) главно се приватни и би имале најголем мотив да инвестираат во решенија за загубата и отпадот од храна. Финансиските институции може да играат централна улога во обезбедување финансиска поддршка во вредносните синџири за спроведување соодветни интервенции за намалување на загубите и отпадот од храна.
Националната стратегија треба да опфати и зголемување на свесноста за актерите во приватниот сектор за опциите што нудат придобивки од намалување на загубите и фрлањето храна, зајакнување на врските помеѓу финансиските институции, малите производители на храна и малите и средните претпријатија кои се соочуваат со ограничувања за зголемување на инвестициите во соодветни технологии во процесот на производство и дистрибуција на храна.