Заедничката акција на полициските сили во дури 11 држави доведе до апсење на 33 лица осомничени за малтретирање деца, прикажување, добивање и поседување порнографски материјал и искористување на малолетни лица за порнографија.
Во Шпанија се уапсени 17 лица, меѓу кои има и малолетници, кои на апликацијата „WhatsApp“ во група споделувале порнографски фотографии и видеа во кои се вклучени деца.
На некои снимки се прикажани силувањата на многу мали деца, од кои најмладите имале само неколку месеци, а најстарите имале 12 години.
Две лица се уапсени во Уругвај. Меѓу нив е и мајка која е осомничена дека сексуално ја злоставувала својата ќерка и снимала сè, а потоа и ги праќала снимките во група.
Полицијата исто така уапсила маж (29), кој ги охрабрувал членовите на групата да ги „контактираат“ девојчињата и потоа да испраќаат материјали.
Шпанската полиција ја следи оваа група веќе две години, а во истрагата се вклучени „Европол“ и „Интерпол“.
Покрај Шпанија и Уругвај, апсења имало и во Велика Британија, Перу, Индија, Италија, Франција, Пакистан и Сирија.