24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Шекеринска: Влегуваме под безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз

Со учеството на самитот на НАТО, нашата татковина ја потврди определбата за целосно споделување на принципите за заедничка безбедност и за градење силни трансатлантски односи со најмоќниот воен и политички сојуз заснован на демократски вредности, порача на прес-конференција заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

„Процесот на Ратификација на Протоколот за пристапување е на самиот крај, останува само уште Шпанија. Веќе е извесно дека влегуваме во безбедносен штит на најмоќниот воен сојуз во светот. Трајно ќе ги заштитиме нашите граници и територија и стануваме фактор за стабилност во регионот“, порача потпретседателката на владејачката партија и министерка за одбрана.

Шекеринска додаде дека очекувано е севкупниот раст на економијата дополнително да се засили откако и официјално ќе пристапиме како 30. земја членка НАТО.

„Со членството во алијансата се создава можност компаниите од нашата земја да учествуваат во тендерски постапки за потребите на НАТО алијансата. Се работи за пристап до значителен буџет, којшто се мери во милијарди евра. Тоа ќе биде дополнителен ветер во грб за нашите компании“, порача таа и додаде дека членството носи и нови, големи странски инвестиции во економијата.

„Економските придобивки се веќе видливи. Откако се откочија интеграциите и стана извесно дека сме на прав пат и дека стануваме членка на НАТО, сумата на странски инвестиции значително порасна“, нагласи Шекеринска.