24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Заев: Делото на Свети Климент Охридски нѐ потсетува трпеливо и мудро да се соочуваме со предизвиците

Премиерот Зоран Заев вечерва имаше свое обраќање на духовната академија во чест на празникот Свети Климент Охридски, патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

„Во мое лично име и во името на Владата, на сите православни верници, и на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, упатувам честитки по повод големиот христијански празник – Св. Климент Охридски“, со оваа порака Заев го започна своето обраќање и истакна дека Свети Климент Охридски е основоположник на македонската духовност.

Во продолжение, премиерот се осврна на дејноста на Свети Климент Охридски.

„Тој бил еден од најблиските и најревносните соработници и соучесници во мисијата на светите браќа Кирил и Методиј во Моравија за описменување на народите со словенски происход. Свети Климент, како голем човек и силна личност е жив паметник на нашата историјата и како основач на Охридската школа, позната и како ‘прв балкански и европски универзитет’“, посочи Заев.

Ставајќи ги заложбите на Свети Климет Охридски во денешен контекст, премиерот рече дека денеска Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој повеќе нема дилеми и не го оспорува тоа.

„Тоа е остварено постојано имајќи го предвид и големото дело на Свети Климент, како и делата на сите останати црковни и духовни големци во редот на нашата историја, вградени во создавањето и афирмацијата на идентитетот на македонскиот народ. Ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик и за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“, кажа Заев.

Повика со предизвиците да се соочуваме трпеливо и мудро, како што тоа го правел Свети Климент Охридски и изрази убеденост дека Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ќе се ангажира уште поактивно во надминување на предизвиците исправени пред неа и дека наскоро ќе биде прифатена како реалност во православниот свет.