23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Дескоска во Стразбур: Случајот „Ел Масри“ затворен, сите обврски се исполнети

Министерката за правда, Рената Дескоска, денеска учествува на сесија на Комитетот на министри кој го надгледува извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Напорите на Владата и на Министерството за правда во спречувањето тортура и несоодветен третман, како и спречување на нивната неказнивост, беа признати од Комитетот со затворање на надзорот врз случајот „Ел Масри“ и спуштање на нивото на надзор во случајот „Хајрулаху“.

Во случаите „Ел Масри“ и „Хајрулаху“, Судот во Стразбур утврди меѓу другите и повреда на членот 3 од Конвенцјијата.

Во својот говор министерката Дескоска ја нагласи посветеноста на Северна Македонија за почитување на човековите права, владеењето на правото и градење на демократијата.

„Со исполнување на сите обврски во случајот ‘Ел Масри’ испративме порака до сите европски држави дека нема толеранција за тортура и дека особено е значајно да се почитуваат правата -дури и во деликатни ситуации кога постои закана за тероризам или за безбедноста. Владата воспостави надворешни контролни механизми во согласност со пресудите на Европскиот суд за човекови права во случаите ‘Ел Масри’ и ‘Хајрулаху’“, истакна Дескоска.

Надзорната структура е воспоставена преку Посебното одделение за истраги на лица со полициски овластувања, како и надзор од Народниот правобранител и граѓанското општество. На крајот на дебатата, Комитетот донесе финална резолуција за затворање на случајот „Ел Масри“ и спуштање на надзорот над имплементација над случајот „Хајрулаху“, за чие целосно затворање се потребни измени во Кривичниот законик.