23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Дескоска упати писмо до претседателите на судовите

Министерката за правда, Рената Дескоска испрати циркуларно писмо до сите претседатели на судовите и до претседателот на Судски Совет.

Во писмото, министерката укажува на измените и дополнувањата на Законот за судовите од април годинава, со посебен фокус на основите за нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Како основа за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, се предвидени случаите кога судијата без оправдани причини не ги закажува рочиштата во предметите кои му се доделени или на друг начин ја одолговлекува судската постапка.

Друг основ за утврдување одговорност е доколку судијата не го земе предметот во работа заради што настанува застареност на кривично гонење или застареност на извршување на кривична санкција за кривичното дело.

Понатаму, во писмото се укажува на тоа дека доколку претседател на суд не го извести Судскиот совет за сторена потешка дисциплинска повреда на законот од членовите 75, 76 и 77, од страна на судијата – доколку настанувањето на повредата му била позната, а непријавувањето е заради прикривање на истата, тогаш тоа е основ за поведување на постапка за разрешување од функцијата претседател.

Во писмото од министерката се укажува и на обврските во член 17 од Судскиот деловник, според кој претседателите на судовите имаат надлежност да вршат редовен увид во работата на судот.