23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Скенирајте фискални сметки: Државата ќе подели вредни награди од половина милион евра

Наградната игра МојДДВ#МојаНаграда ќе започне во текот на следниот месец и наградниот фонд е половина милион евра, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието. Таа посочи дека #МојаНаграда претставува надградување на успешната мерка МојДДВ, како и дека по примерот на многу успешни пракси во светот, преку наградна игра ќе се стимулира борбата против сивата економија.

–Наградната игра наречена мојДДВ#МојаНаграда има награден фонд од половина милион евра. Таа ќе придонесе да се стимулира дополнително земањето на фискални сметки. Мерка која дава резултати како МојДДВ треба да се надградува. Погледнете ги извештаите на Европската комисија за успешни и најдобри практики, како земјите адресирале сива економија со примена на наградни игри и како ги зголемиле приходите за 30 отсто, а ја намалиле сивата економија. Тие ги стимулирале граѓаните, односно применувале стимул а не казни. Со наградната игра и ние ќе ги стимулираме граѓаните кои го надминале месечниот лимит за поврат, да продолжат да скенираат бидејќи можат да добијат вредна парична награда. Исто така, граѓаните ќе бидат мотивирани да ги скенираат сите фискални сметки, без разлика дали имаат 5% ДДВ или нула проценти ДДВ. Сега сите ќе имаат еднаква шанса за добивка, рече Ангеловска.

Таа посочи дека МојДДВ ги испорачал резултатите за кои бил наменет – сузбивањето на сивата економија, што се огледа по подобрената наплата на ДДВ, како и по бројот на корисници од над 180.000 граѓани кои месечно скенираат околу 8 милиони фискални сметки. Ангеловска рече дека од 1 до 15 декември ќе се изврши првиот поврат на ДДВ кон граѓаните кои скенирале фискални сметки.