Премиерот Зоран Заев ja доби меѓународната награда „Иса Бег Исаковиќ“, на Свечената академија во Народниот театар во Сараево, каде присуствуваа гости од земјата и пошироко, дипломати, академици, личности од општествено-политичкиот живот од БИХ. Наградата му е доделена на премиерот Зоран Заев, како што е посочено, за неговите напори и иницијативи како позитивни и историски вреднувани, посебно во воспоставување пријателства и соработка на Балканот.
Заев, по доделувањето на оваа државничка награда, се обрати пред присутните, организаторите од здружението Клепсидра, членовите на Комитетот за доделување на ова единствено државничко признание во Босна и Херцеговина и претседателката Адила Пасалиќ Кресо, aкадемици, дипломати, претставници на медиумите, гости, меѓу кои беа и членовите на делегацијата којашто допатува со него во Сараево, потпретседателот на Собранието Зекир Рамчиловиќ, претседателот на МАНУ, Таки Фити, заменикот министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Неџад Мехмедовиќ.
„Ова е навистина награда што ќе се памети. И за мене како добитник, но и за вас како доделувачи.Затоа што доаѓа во незапаметени времиња, кога во нашиот регион, на нашиот Балкан, буктат огнови, но на пријателства. Овие пријателства се новата надеж на стабилност, безбедност и развој – на нашите држави, на Балканот и на Европа.Земјите на Балканот, како никогаш досега, ги предводат лидерства коишто сакаат и умеат да бидат пријатели. Се борат за доброто на своите граѓани во своите земји, но со широка свест, како никогаш досега, дека едниот оди напред, само кога и другите одат напред.
И така работиме – свесни дека таа психологија на национализам, радикализам, популизам, себичност, никому не донесе добро. За еден народ беше лошо – за сите стана лошо. Денес, на искуствата од минатото, ние пријатели, градиме иднина.Европската Унија го препознава овој позитивен моментум на Балканот, но не смее да ја испушти шансата ‘денес’, да му подаде пријателска рака на Балканот“, рече премиерот Заев.
Тој се заблагодари за честа што му е укажана со наградата „Иса Бег Исаковиќ“ и признанието што го носи оваа награда „Во потрага по пријател“. Заев посочи дека Република Северна Македонија сработи во реформите, го воспоставивме пријателскиот концепт Едно општество за сите, дома, со еднакви шанси за сите и со оглед дека нашата држава, како и Босна и Херцеговина, изобилува со различности на националности, традиции, култури, вери, покажавме дека ние веќе сме Европа во мало и можеме успешно да функционираме.
„Ги стабилизиравме и зацврстивме односите со нашите соседи, Бугарија и Грција, со коишто, не само што воспоставивме пријателства, туку тие држави и нивните раководства се веќе меѓу најголемите лобисти во ЕУ, за да го добиеме заслужениот датум за почеток на преговорите со Европската Унија.Сработи Република Северна Македонија, којашто со чест ја предводам.
И сега Европа треба да ја исправи историската грешка, што ја признаа и европските институции и земјите членки, а свесна дека го заслужуваме исчекорот во евроинтеграциите е и пријателска Република Франција.
Треба, мора, фер е, европска вредност е, да се одржи зборот, зборот даден кон држава којашто покажала на дело што значи да се биде пријател.Тоа, ќе биде мотивација за новите пријателства на нашиот Балкан, коишто е време да се случат. И сите заедно, да обезбедиме, стабилност, сигурност и просперитет на нашите држави и на регионот, во Европа на којашто ѝ припаѓаме природно, географски, трационално, културно, културолошки, секако“, порача премиерот Заев.
Тој го посочи посебно Договорот од Преспа којшто е навистина редок пример на функционална дипломатија и со којшто, како што рече, е ставен крај на еден долг, тежок, исцрпувачки, деструктивен три децениски спор, што ги блокираше перспективите за нашите клучни стратешки интереси, НАТО и ЕУ, а наведе дека е сличен и примерот со нашиот пријател, Република Бугарија и Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Дали можевме сами да го постигнеме тој Договор? Не. Потребен ни беше пријател од другата страна, кој е подготвен да споделува вредности. Го добивме тој пријател во Република Грција. Вредност се политиките на изнаоѓање решенија како нешто може, а не политиките на изнаоѓање оправдувања зошто нешто не може.Сличен е и примерот со нашиот пријател Република Бугарија.Постигнувањата на Република Северна Македонија, пријатели, се постигнувања на целиот регион.Дали ќе беше можно да се дознае за нашите зрели одлуки ако не беа медиумите од регионот коишто ги препознаа? – Не немаше да се дознае.
Дали ќе беше доволно да зборуваме самите за себе што значат нашите тешки одлуки за чувствителните прашња, ако не беа раководствата на БИХ, Србија, Црна Гора, Албанија, Хрватска, Словенија, Косово, ако ја немавме вашата поддршка?!– Не немаше да биде доволно.Дали ќе беше можно да сме на чекор до полноправно членство во НАТО?! Или поддржани од сите европски институции, дека заслужуваме датум за почеток на преговорите со ЕУ – ако тоа не го препознаеа државите членки на НАТО и на Европската унија?! – Не немаше да биде можно.Низ пријателствата што ги подадовме кон сите вас, и низ пријателствата што ги добивме од сите вас – напредокот на Република Северна Македонија стана реалност.
Затоа, не само Балканот, туку и Европа денес е пред предизвикот, да го потврди пријателството со Западен Балкан на дело и да ги осигура, мирот, стабилноста, економскиот развој, и на регионот и на самата Европа“, додаде премиерот Заев.
На крајот од обраќањето пред присутните на Свечената академија, премиерот Заев упати охрабрување до присутните да продолжи изградбата пријателства.
„Сакам да упатам силна поддршка на вашата Потрага по пријател. Јас, Зоран Заев и мојот народ сме ваши пријатели, и тоа ќе го докажуваме постојано низ политиките на меѓусебна поддршка и разбирање, затоа што знаеме дека пријателството е живо, само кога вложуваме во него.Продолжете со потрагата по пријатели.
`Се додека има потрага по пријатели – ќе има и пријатели“, им се обрати и на организаторите, здружението Клепсидра, премиерот Заев, на Свечената академија во Сараево, на којашто му е доделена наградата Иса Бег Исаковиќ.
Наградата што ја доби претседателот на Владата, Заев, се состои во, како што е речено, уникатна скулптура којашто претставува калеидоскоп на културното наследство на народите во БИХ, заедно со признание на оваа награда насловено „Во потрага по пријател“.