Поедноставување на процедурите во деловното окружување, намалување на административниот товар, како и заштеда на хартија, простор и време, се придобивките од укинување на сметкопотврдата предвидено со измените на Законот за данок на додадена вредност. Ова го истакнаа денеска министерката за финансии Нина Ангеловска и преставници на сметководствениот сектор на прес-конференција во Министерството за финансии.
Министерката за финансии Ангеловска посочи дека со измените кои се предложени кај законот за ДДВ се укинува сметкопотврдата како пропратен документ на фискалната сметка за правдање на трошоци до износ од 6.000 денари. Со оваа измена, ДДВ обврзник, за да искористи право на поврат на влезен ДДВ, или „право на ДДВ по одбивка“ за промет до 6.000 денари, не треба да поседува сметкопотврда. Доволно е да поднесе само фискална сметка на која стои и производот и сумата потрошена за истиот.
– Во многу развиени земји, па и во регионот овој документ е укинат и не се користи. Светот брзо се менува, зборуваме за електронско смертководство во развиените земји, зборуваме за безхартиена околина и мораме и ние и нашата администрација да го следи тоа за да можеме да го олеснуваме се повеќе и повеќе работењето на компаниите и да го подобруваме деловното окружување. Ова е само еден мал дел од мозаикот во промени и олеснувања на подобрување на деловното окружување и на намалување на административниот товар, и од страна на компаниите и за ослободување на ресури на даночната администрација. Како што знаете приоритет ни е борбара против сивата економија, а на овој начин, администрацијата ќе се користи таму каде што ќе биде попотребна – рече Ангеловска.
Таа посочи дека оваа мерка е и во насока на заштита на животната околина, ако се земе во предвид дека со помала потрошувачка на хартија ќе се влијае на намалување на сеча на дрвјата.
Сметководителите ја поздравија иницијативата на Министерството за финансии за намалување на административниот товар и за поедноставување на постапката.
-Ова беше непотребна процедура која го оптеретуваше работењето. Со тргање на сметкопотврдата се поедноставува постапката, бидејќи сега имаме само еден документ при обработка на податоците. Претходно имавме два идентични. Се штеди време, се штеди на простор, се штеди на хартија и навистина со ова навистина ќе се олесни нашата работа- рече Елизабета Ицева, финансиски менаџер.
– Со ова воглавно ќе се подобри админитрирањето помеѓу даночните обврзници во самиот промет и она што е уште поедноставно и полесно кај даночните обврзници е дека ќе се избегне онаа евиденција и чување на хартија во нивните простории. Она на што би обрнал внимание повеќе кај даночните обврзници е дека укинувањето на сметкопотврдата не претставува избегнување на обврската за докажување на прометот-рече Звонко Кочовски, овластен ревизор.
Министерката за финансии Ангеловска посочи дека со измените на Законот за ДДВ се подига и прагот за ДДВ обврзник од 1 на 2 милиони денари.
-Би сакала да истакнам дека при ММФ техничката мисија беше пофалено ова решение и од нивна страна, бидејќи е во насока на ослободување на ресурсите на даночната администрација и на олеснување на процедурите за малите и средни компании – рече Ангеловска.