24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МОЗАИК

Нуркачи ги ризикуваат своите животи за деликатес од дното на морето

Луѓето ги ризикуваат своите животи за еден деликатес од дното на морето. Станува збор за морските краставици кои иако не изгледаат така, всушност се многу скапоцени, судејќи според тоа колку луѓето се подготвени да платат за нив. Поточно, килограм морски краставици чини над 3.000 долари, пренесува Business Insider.

Главната причина за тоа е нивната популарност на азискиот пазар, каде што се сметаат за деликатес. Во Кина и Јапонија се повеќе нуркачи ги ризикуваат нивните животи секој ден за да го пронајдат овој редок вид.

Понекогаш се случува и по 40 нуркачи да трагаат по некој ваков редок примерок на морското дно. Тие имаат издолжено тело во должина од 20 сантиметри, со варовнички плочки од разни форми и нозе наредени во серија или расфрлани по целото тело. Тие немаат очи или мозок, туку само уста и анус, и интересно е дека кога се во опасност, низ уста ја исфрлаат утробата, која можат да ја обноват.

„Побарувачката за морски краставици драматично се зголеми во 1980-тите. Порастот на бројот на граѓани од средна класа во Кина отвори многу врати за многумина – тие конечно дошле во ситуација да можат да си го дозволат овој луксуз“, вели Стивен Персел, еден од водечките светски експерти за морски краставици.

Постојат дури 1250 различни видови на морски краставици во светот, а најбарани во Југоисточна Азија се јапонските морски краставици. Тие се сметаат за протеински деликатес, кој се дава во посебни прилики и се јаде полека за да уживате во вкусот.

Денес, најчесто се сушени и спакувани во украсни кутии, се подаруваат во посебни прилики.

Колку се поголеми морските краставици, толку е и поголема цената. Најскапата морска краставица на пазарот достигнува цена до 3500 долари за килограм. Дури и ако нарачате различни видови на Амазон, ќе платите повеќе од 170 долари за чинија.

Морските краставици содржат високо ниво на хемикалија наречена фукозилиран гликозаминогликан во нивната кожа, која луѓето низ Азија ја користат за лекување на здраствени проблеми како артритис, а од неодамна и во Европа, каде што луѓето ја користат за лекување на одредени видови рак и за намалување на згрутчување на крвта. Од Мароко до САД, сите фармацевтски компании се заинтересирани за ова морско суштество.

Светскиот експерт за морски краставици апелира да се огледуваат, наместо да се ловат овие суштества во иднина, со тоа ќе се помогне во развојот на потенцијални лекови за спасување на животи, а вооедно и ќе се зачува од изумирање ова морско суштество./Makfax