24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Први политички консултации меѓу Република Северна Македонија и Грузија

Во Скопје, се одржаа првите политички консултации меѓу Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Грузија, предводени од замениците министри на двете земји, Андреј Жерновски и Вакхтанг Макхароблишвили.Делегациите разменија мислења за билатералните односи меѓу двете земји и можностите за нивно унапредување, притоа истакнувајќи ја потребата од воспоставување на билатералната правна рамка во сите области од заемен интерес, како основа за натамошно продлабочување на соработката, особено во областа на економијата.

Заемно е констатирано дека воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Грузија, во февруари 2019 година, отвора можности за интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес, при тоа имајќи ги предвид заедничките надворешно политички приоритети на двете земји.

Заменикот министер Жерновски, зборувајќи за перспективите на Република Северна Македонија во однос на членство во Европската унија, истакна дека нашата држава направи огромен напредок во последните две години, како резултат на посветеноста на реформскиот процес при што потенцираше.

„Ние остануваме силно фокусирани на европскиот пат. За нас не постојат други алтернативи, продолжуваме да создаваме европски правила и стандарди во работењето и во промовирањето на европските вредности. Очекувам наскоро земјите – членки да успеат да постигнат консензус за старт на преговорите со нашата држава, како валоризација на заслуженото”, рече Жерновски.

Заменикот министер на Грузија, Вакхтанг Макхароблишвили, упати честитки за потпишувањето на пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО и го поздрави севкупниот напредок на нашата земја во процесот на евроатлантските интеграции, изразувајќи надеж дека и Грузија ќе успее да го изоди истиот пат кон остварување на своите надворешно – политички приоритети.

Во рамки на политичките консултации, грузиската делегација беше примена и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.