Треба да разбереме дека оваа земја може да опстане само ако наша стратешка цел биде инвестирањето во младите луѓе кои мораат, повторувам, едноставно морааат, првата шанса за успех и просперитет да ја добијат тука, дома, рече претседателот, Стево Пендаровски, на отворањето на годинешниот самит „Македонија 2025“.
Тој кажа дека годинешниот самит има богата програма со извонредни говорници, панел дискусии на актуелни теми, грижливо одбрани тематски сесии.
„Се радувам што во фокусот е и животната средина, односно загадувањето на воздухот со акцент на иновациите и нивното влијание врз подобрување на условите за живот. Пред неколку дена ја имав честа да ја отворам и 17. Еконова каде што се уверив во значењето и потребата од пронајдоци и изуми кои ќе помогнат во спречувањето и справувањето со загадувањето“, рече Пендаровски.
Уште една тема која ќе биде во фокуст на Самитот е и дигитализацијата.
„Дигитализацијата е уште една тема која е во фокусот на годинешниот Самит и би сакал навистина да ја поздравам и оваа иницијатива затоа што и самиот сметам дека со оглед на потенцијалот кој го имаме во ИТ секторот, ова е гранка на која треба посебно да се посветиме – да ги едуцираме младите уште од мала возраст да кодираат, но и да го поддржиме ИТ секторот во целина, со цел, да даде далеку поголем придонес кон вкупниот економски развој на земјата. Треба да разбереме дека оваа земја може да опстане само ако наша стратешка цел биде инвестирањето во младите луѓе кои мораат, повторувам, едноставно морааат, првата шанса за успех и просперитет да ја добијат тука, дома“, рече Пендаровски.
Како што рече претседателот, „Македонија 2025“ од самите свои почетоци пред повеќе од десет години работи на поврзување на бизнисите од земјава и странство, помага во развивање на лидерски вештини со цел да се придонесе за економскиот развој на земјата.