24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Предлог-буџетот за 2020. денеска на владина седница

Предлог-буџетот за 2020 година денеска ќе се најде на редовната владина седница, што ќе се одржи во Тетово со почеток во 19 часот.

Во рамки на одржување на седницата ќе има и министерски теренски активности, меѓу кои увид во реконструкцијата на регионалниот пат Тетово – Јажинце, увид во градежни работи на системот за наводнување Равен – Речица и посета на клиничкиот центар Тетово.

Исто така, на предлог на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на дневен ред ќе биде усвојување на предлог-програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2019 година.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, владата ќе одлучува и по предлог-програмата за изменување на Програмата за остварување и развој на дејноста во ученичкиот стандард за 2019 година.

Министерство за образование и наука за оваа седница ги стави на дневен ред предлог-програмата за изменување на Програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2019 година, како и информацијата со Предлог за воспоставување регионални центри за стручно образование и обука.