23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Земјоделците со трактори излегоа на протест во Скопје

Здружението на сточари „Агроцентар“ од Велес, поддржано од други земјоделски здруженија, организира протестен марш во Скопје, како резултат на ненавремена исплата на субвенциите и нецелосно исполнување на барањата испорачани пред една година.

Маршот почна околу 12:30 часот од „Мавровка“, по што со шест трактори напред и транспаренти насобраните се упатија до Владата. Освен сточари, на него присуствуваат и овоштари, лозари, тутунари.

Претседателот на „Агроцентар“, Митко Јанков вели дека протестот се одржува поради глувоста на Владата за сточарите и нема никаква политичка позадина.

На протестот учествуваат и членови на Регионалното здружение на лозари од Кавадарци, на Здруженито на овоштари од Ресен, оризари од Чешиново – Облешево, тутунари од Прилеп, сточари од Тетово и Гостивар, како и други индивидуални земјоделци.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски вчера на прес-конференција рече дека не гледа причина и повод земјоделците да излезат на протест, но, сепак, оцени дека тоа е нивно право. Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад протестот.