23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Министерство за земјоделство контра протестите : За 2,5 години се исплатени 314,5 милиони евра за субвенции за земјоделците

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и во следниот период ја продолжува политиката за навремена и неселективна исплата на субвенциите за земјоделците. Според динамиката за исплата, се подготвуваат решенијата за исплата на субвенцијата за откупена пченица од домашно производство од родот 2018 година, за што во ребалансот се проектирани 40 милиони денари. Веднаш потоа, следува исплатата на субвенциите за предадени градинарски култури, предадени домати и јаболка, субвенција за површини со поледелски и градинарски култури, овошни и лозови насади, како и за грло добиток. Со ребалансот се проектирани и 40 милиони денари за субвенции за заклани свињи како превенција од појава на болеста африканска свинска чума“, се вели во соопштението на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во врска со денешниот протест на земјоделски здруженија.

„Сумирано, со ребалансот на буџетот, се обезбедени нови 915 милиони денари за субвенции за дополнителни мерки кои ќе ги добијат земјоделците за различни видови производи. Со оваа сума финансиската поддршка за земјоделството годинава достигнува околу 7 милијарди денари, пари кои директно се враќаат кај земјоделците за да ги инвестираат во новото производство.

Досега од 1-ви јуни 2017 година за мерките од Програмата за земјоделство и рурален развој се исплатени над 19,3 милијарди денари или 314,5 милиони евра, по основ на тековни исплати и заостанати долгови од претходните 2013,2014 и 2015 година, кои минатата власт не ги сервисирала навремено. Земјоделството е сектор кој за Владата преставува еден од приоритетните, за којшто заеднички со земјоделците се креираат мерки коишто ќе придонесат за раст на економијата, за конкурентно земјоделство, поголеми приходи за земјоделците и крајно за вреднување на трудот на земјоделецот“, се додава во соопштението.

По барање и во консултација со сточарите, деновиве Владата донесе одлука за нова дополнителна субвенција за предадено јагне во износ од 400 денари, со цел да се намалат загубите на одгледувачите на овци поради ниската откупна цена.

„Во два дена се исплатија вкупно 195 милиони денари за дополнителната субвенција од 5 денари за килограм предадена оризова арпа и за субвенцијата за предадено млеко, пари коишто директно легнаа на сметките на вкупно 7.872 земјоделци. МЗШВ заедно со Платежната агенција изминатите две и пол години креираше мерки за подобрување на состојбата во земјоделството, за покривање на загубите што земјоделците ги претрпуваа поради пазарните услови и временските непогоди, се решаваа долгогодишни проблеми, а субвенциите се исплаќаат навреме пред почетокот на производствената сезона.

Се реши долгогодишниот проблем на лозарите, Владата на РСМ донесе одлука за исплата на долгот што винарските визби Повардарие, Стефани и другите регистрирани винарници го имаа кон лозарите за предаденото грозје во 2014 и 2016 година. Се исплатија над 1 милион и 250 илјади евра на 2.048 лозари. Претходно, се исплатија 9 милиони евра за основната субвенција за одржување на лозови насади, а над 1 милион евра се исплатија на сметките на 6.240 лозари, за дополнителната субвенција од 1 денари за килограм предадено грозје во регистрираните винарски визби. Во следниот период ќе биде донесена и одлука за интервентна мерка за лозарите за годинешната реколта.

Во делот на овоштарството, навреме се исплати основната субвенција за одржување на овошни насади. За овошните култури предадени во преработувачки капацитети се исплатени 75 милиони денари на 1.460 земјоделци, од кои само за предадени јаболка се 39,5 милиони денари. Дополнително со ребалансот се планирани 160 милиони денари за исплата на дополнителната субвенција од 3 денари за килограм предадени индустриски јаболка кај откупувачи. Развојот на стратешките извозни култури е приоритет на МЗШВ. Затоа се донесе нов модел за повисоки субвенции за тутунарите во три нивоа. Субвенцијата за прва класа е 80 денари, за втора 70 денари за трета и останатите класи 60 денари за килограм. Сите субвенции за тутунот од реколта 2018 се исплатени, или вкупно 28 милиони евра. Последните две години се постигна највисока откупна цена на тутунот, односно за реколта 2017 цената беше 217,6 денари, а за реколта 2018 откупната цена беше 214,2 денари за килограм.
Во насока на порентабилно и поконкурентно производство, Владата на Република Северна Македонија за прв пат воведе мерка за поевтино гориво за земјоделска механизација, 30 отсто од трошоците ги покрива државата. Со мерката се опфатени околу 55.000 земјоделци што имаат поледелски и градинарски култури, овошни и лозови насади. Со оваа мерка се враќаат околу 200 милиони денари назад кај земјоделците. До денеска со помош на зелените картици земјоделците имаат наточено гориво во вредност од 71,6 милиони денари.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во следниот период ќе ја продолжи политиката на навремена и неселективна исплата на субвенциите, отворена и транспарентна комуникација со земјоделците за креирање на заеднички и развојни мерки за земјоделството“, е ставот на Министерството за земјоделство.