Канцерот е едно од најтешките заболувања и секоја година одзема милиони животи. Редовните прегледи и превентивата честопати се сметаат за единствената борба против овие болести, во случај да се откријат во рана фаза. Сепак, покрај терапиите кои вклучуваат зрачење, понекогаш и алтернативи и хомеопатијата, од неодамна се смени пристапот во овој третман. Станува збор за се почесто применуваната биолошка терапија.
Што е биолошка терапија и за што навистина станува збор?
Биолошката терапија е нов пристап во третманот на онколошките заболувања која вклучува користење на сложени протеински молекули произведени во живи организми. Механизмот на делување на овие лекови е разновиден. Некои лекови го користат имуниот систем на организмот за да ги убие клетките на ракот додека други, така наречени таргет-антитела директно и специфично го напаѓаат туморот штитејќи го здравото ткиво. Биолошката терапија за карцином се користи во третманот на многу видови рак за да се спречи или забави растот на туморот и да се спречи ширењето на ракот.
За да се создаде биолошки лек, најчесто се користат гени или делови од гени, кои во лабораторија се внесуваат во разни живи организми за да произведат потребни протеини. Кога овие протеини ќе се внесат во телото, тие се борат против болеста.
Што ветуваат новите методи и лекови
Во последните 15 години ситуацијата драматично се промени со доаѓањето на иновативните молекуларно-биолошки лекови и имунотерапијата. Денес, сме сведоци на брзиот развој на науката која овозможува вистинска револуција во третманот на карциномите. Целта на иновативните онколошки третмани во пораните стадиуми на болеста е потполно излекување, додека кај метастатската болест очекуваме долгорочно делумно или целосно повлекување на болеста и зголемен квалитет на животот. На овој начин, напреднатиот карцином се претвора во хронично долгогодишно заболување, како другите не-малигни заболувања.
Биолошките лекови достапни и кај нас
После една година најава, конечно биолошката терапија за онколошки заболувања, дојде и во Македонија. Најновите иновативни лекови и најсовремената терапија сега е достапна на пациентите. Преземени се чекори да се обезбедат нови лекови кои не се на болничката листа на лекови, за кои болниците добија условни буџети. Со централизирана набавка се обезбедени над 30 молекули скапа биолошка терапија која не е на позитивната листа на лекови, за да им биде достапна на пациентите во болниците. Достапноста на иновативната терапија значи можност пациентот навремено да добие соодветна дијагноза, третман и грижа за своето заболување.
Онколошките заболувања претставуваат голем товар за поединецот, но и за општеството во целина. Во Македонија годишно само од канцер на дојка се дијагностицираат приближно од 1.200 до 1.500 нови случаи на заболени, или просечно четири жени дневно. Во последните 15 години, смртноста од онколошки заболувања во Македонија пораснала за девет отсто, и Македонија е една од ретките земји во Европа, каде смртноста од рак расте што можеби е поврзано и со недостапноста на новите третмански опции до сега. Според бројот на смртни случаи, Македонија е на трето место во Европа. Најчестите малигни заболувања кај нас се рак на бели дробови, рак на дојка, рак на дебело црево, рак на грло на матка и рак на простата.
Лечењето карцином досега
Децении наназад се користеа три главни стратегии за борба против онколошките заболувања како што се хируршки третман, радијациона терапија (зрачење) и хемотерапија која даваше ограничени резултати проследени со значајна токсичност. Во поново време биолошката терапија овозможи значително подобрување на третманот на пациентите, како во поглед на ефикасноста (излекување или каде што не е можно тоа, продолжување на животот квалитетно) така и во поглед на безбедноста и намалените несакани реакции.
Раното откривање на ракот, редовните контроли, можноста за редовни консултации, следење на историја и соодветно советување и понатаму е од непроценливо значење. Но, голем дел од ова се сведува на лична одговорност и ангажираност. Пред сè, почитување и сакање на себеси и сопственото тело, следење и контролирање на промените и симптомите на телото. Достапноста до стручна медицинска помош веќе не се изговор, затоа што многу диспанзери барем еднаш годишно нудат бесплатни превентивни прегледи за разни потенцијално загрозувачки болести, од прегледи на дојка и малолетнички до гинеколошки прегледи и ултразвуци.
Речиси 40 години немаше модерна терапија за поедини карциноми, како што е карциномот на белите дробови, на бубрезите и на кожата, а со ставање на онколошки иновативните лекови на позитивната листа, онколошките пациенти ќе имаат најсовремена терапија.