24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Обвинение за Косовци кои краделе облека од скопски трговски центар

Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против двајца косовски државјани кои се товарат дека од скопски трговски центар украле две парчиња облека во вредност од 17.580 денари.

Како што информираат од обвинителството, обвинетите, по претходен договор, на 11. октомври, во две продавници лоцирани во трговски центар во Скопје украле јакна вредна 11.290 денари и елек во вредност од 6.290 денари.

Кражбите ги извршиле користејќи исти прилики и исти околности – Првообвинетиот, на возраст од 19 години, влегувал во гардеробата на бутиците со намера да ја проба облеката. За тоа време второобвинетиот, на возраст од 22 години, стоел пред гардеробата и чувал стража.

Потоа, 19-годишникот на сила ги отстранувал бип алармите закачени на облеката и ја облекувал на себе под неговата облека. Потоа двајцата ја напуштале продавницата.

Двајцата Косовци се товарат за продолжено кривично дело – Тешка кражба.

Бидејќи се работи за странски државјани и постои опасност да се дадат во бегство, надлежен јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двете лица./Makfax