24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МОЗАИК

Холандија има велосипедски патеки со вкупна должина од 37.000 километри

Во Холандија има повеќе велосипеди отколку луѓе. Како што пренесува хрватски „Индекс“ таму сè е насочено кон велосипедизмот, што им овозможува на Холанѓаните со ова превозно средство годишно да преминат во просек околу 15 милијарди километри.

Велосипедите станаа симбол на Холандија, како сирењето Гуда или лалињата.

Возењето велосипед во Холандија е забавно и тоа не само затоа што земјата е рамна како палачинка. Велосипедската инфраструктура е фантастична и постојано се шири бидејќи холандските власти против климатските промени не се борат само декларативно.

Велосипедски патеки

Во земјата има 37.000 километри велосипедски патеки, не сметајќи ги тесните, помали ленти кои излегуваат на коловозот покрај автомобилите и автобусите, бидејќи такви има уште 4.700 километри.

„Велопати“

Станува збор за посебна категорија на брзи ленти за велосипеди односно еден вид на автопат за велосипедисти. Таму нема семафори, ниту крстосници, а никој освен велосипедистите не смее да се движи по нив. Постои дури и лента за преминување, за оние кои своите велосипеди ги возат побрзо.

Паркинг

Насекаде низ градските центри, на универзитетите и плоштадите постојат големи паркинзи за велосипеди. На пример, во Амстердам, старите бродови се претворени во пловечки гаражи. На главната станица во Утрехт се наоѓа најголемата гаража за велосипеди во светот, со 12.500 места и три ката. Паркиралиштата често се надгледувани, отворени 24 часа и обично бесплатни.

Изнајмување

Навистина е лесно да се вози велосипед во соработка со холандската железничка или автобуска мрежа. Велосипеди за помалку од четири евра на ден може да се изнајмат на секоја поголема станица.

Зелен бран

За да се спречи сообраќајниот метеж, на велосипедските патеки има сигнализација која на велосипедистите им укажува колку брзо треба да возат за да го фатат „зелениот бран“, односно серијата на зелени светла на повеќе семафори./Makfax