„Нашата земја секогаш гледала на процесот на проширување како на процес базиран на резултати и постигнувања. Ние испорачавме резултати во однос на политичката стабилност, медиумските слободи, но и постигнувањето на дел од стратешките цели на граѓаните, како членството во НАТО Алијансата кое го очекуваме до крајот на годинава“, истакна министерката Радмила Шекеринска денеска на Конференцијата на тема „Перспективите и предизвиците на Југоисточна Европа“, која се одржува во Цавтат, Хрватска, а е во организација на фондацијата „Фридрих Еберт“.
Шекеринска, која учествуваше на првиот панел посветен на европската интеграција, предизвиците и можностите за Југоисточна Европа, рече дека доколку идната недела ЕУ не донесе позитивна одлука за Северна Македонија, прогресивните сили кои се подготвени за храбри компромиси, за помирување, за една различна, демократска и напредна слика за Балканот, ќе почувствуваат недостаток од интерес од Европската Унија. Таа додаде дека за да се промовира лидерство, мора да се имаат и вредности, но и конзистентност и веродостојност.
На конференцијата учествуваат бројни членови на Европскиот парламент, парламентарци од Германија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, претставници од академската заедница и невладиниот сектор./Makfax