Поранешниот сопственик на сега веќе затворената А1 телевизија, Велија Рамковски, во интервју за интернет порталот Фактор тврди дека немал никаква вина во случајот „Пајажина“ за кој беше во затвор. Според него, причината е чист политички реваншизам. Тој најавува нова А1, вели дека лично нема пари за тоа, но од сериозни луѓе добил сигнали дека би инвестирале во таков проект.
На прашањето дали има доволно пари за еден така голем проект, Рамковски дециден, дека нема, но имало заинтересирани инвеститори.
– Оттаму и тоа кажување дека е можно, бидејќи јас не велам дека е сигурно дека А1 ќе се отвори, туку велам дека е можно да се договориме да се изведе телевизијата. Инаку, не се согласувам дека телевизијата е играчка, таа е сериозна работа. Ако некој знае за телевизија, јас знам. Можам да се вложам себеси со своето знаење за да ја изградам А1, но не таква, бидејќи никогаш не може да биде таква, но во секој случај најсилна телевизија, со можностите плус што сега ги даваат социјалните мрежи. Сега има поголеми можности А1 да биде подобра од што беше – посочува Рамковски.
Тој вели дека засега директни инвеститори нема, туку има само посредна најава од луѓе што ги смета за сериозни.
– Не би го кажал јас тоа ако не сметам дека се сериозни и заинтересирани. Се обратиле кај луѓето што тоа ми го кажаа, и прашале дали јас сум подготвен да се вложам да работам за да ја кренам А1. Јас реков – да. Значи на посреден начин се обратија кај мене инвеститорите. Инаку, А1 беше профитабилна телевизија, последната година направи годишен промет од 10 милиони евра – вели Рамковски во интервјуто за Фактор.