24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Вицепремиерот Анѓушев на одбележување на патрониот празник на СЕТУ Михајло Пупин – Инсталираната фотоволтаична централа е корисна за практична настава на учениците, запишан рекорден број на ученици во 2019 година

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, заменикот министер за животна средина и просторно планирање м-р Јани Макрадули, градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски и градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски, присуствуваа на свеченоста со која се одбележи патрониот празник на средното електро техничко училиште Михајло Пупин, во чии рамки свечено беше пуштена во употреба фонопонска електрана со инсталирана моќност од 12 киловати.

Вицепремиерот Анѓушев подвлече дека од инсталираната фотонапонска електрана во СЕТУ Михајло Пупин има повеќе придобивки, а како најзначајна издвои дека оваа електрана ќе овозможи стекнување на практични знаења и искуства на учениците за функционирање на обновливите извори на енергија, кои се иднината на нашата држава, што ќе биде од особено значење за понатамошната едукација, но и практична примена.

„Средните технички училишта, како што е и СЕТУ Михајло Пупин го едуцираат кадарот за идниот побрз развој на македонската економија. Ме радува трендот на зголемување на запишани ученици во ова училиште. Како за споредба во 2016 година имаше запишано во прва година само 94 ученици, додека во оваа учебна година запишани се рекордни 256 ученика. Тука за прв пат е воведен и концептот на дуално образование, најпрвин со паралелката поддржана од ЕВН, а од оваа година соработката се зголеми со уште пет домашни компании, кои поддржаа формирање на уште една паралелка. СЕТУ Михајло Пупин е добар пример за зголемување на трендот на ученици во средните технички училишта, како и за имплементација на дуалното обрзование, односно учење преку работа, очекуваме нивото на техничките училиште да биде дополнително подигнато, за да образовниот систем биде прилагоден за побрз и одржлив економски развој“, посочи вицепремиерот Анѓушев.

Градоначалникот на Град Скопје истакна дека инсталираната фотофолтаична централа е прв ваков пример во било кое средно училиште во Република Северна Македонија, а проектот е доказ дека добрата соработката помеѓу централните и локалните власти може да вроди со сериозен квалитет и иновативност.

„Идејата за проектот е од учениците од самото училиште, а е финански поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој, како и од градот Скопје и претставува одличен пример како едно средно училиште може да биде пионер и да воведе една мини револуција во пристапот кон заштита на животната средина и енергетската ефикасност. Ова училиште треба да биде позитивен пример, како треба да се однесуваат и останатите институции од локално и централно ниво, другите училишта, како можат не со толку многу пари да придонесат за заштитата на животната средина, како и подобрување на финансиските перформанси на самата институција“, потенцира Шилегов.

Фотонапонската електрана е со инсталирана моќност од 12 киловати, покрива околу 80% од потрошувачката на енергија на СЕТУ Михајло Пупин, а дел од финансиските средства се обезбедени преку грант од Фондот за иновации и технолошки развој, во висина од 270 илјади денари.

“Денес веќе зборуваме за резултати од активностите и поддршката на Фондот во изминатите 24 месеци. Проектот на којшто овие млади луѓе работат е конкретен показател дека државата застанува позади нив и обезбедува целосна поддршка. Резултатот од проектот е пак показател дека оваа поддршка младите луѓе целосно ја заслужуваат и ќе ја имаат и понатаму. Во овој момент, уште 53 други основни и средни училишта работат на проекти во енергетиката, земјоделието, машинството, ИТ и други области. Уште 300 и повеќе микро, мали, средни и големи македонски компании работат на инвестициски проекти поддржани од Фондот и Владата. Од ова место сакам да им порачам на младите луѓе да сметаат на нашата поддршка и понатаму“, порача во оваа прилика директорот на ФИТР Јован Депотовски.

Директорот на СЕТУ Михајло Пупин Димитар Ѓеорѓиев, се заблагодари за поддршката од Владата на Република Северна Македонија и Градот Скопје за финансиската поддршка на овој проект, при што истакна дека се надева дека ова ќе биде добар пример и водилка и за другите училишта да имплементираат вакви проекти, со кои позитивно се влијае на животната средина и заштедата на енергија.