За неполни две години Општина Лозово доби нова зграда, на простор од 420 м2 со 16 канцеларии, сите опремени со канцелариска опрема и нова компјутерска технологија. Сето тоа им е ставено во функција на општинската администрација со единствена цел – на најдобар можен начин да бидат исполнети потребите на граѓаните, рече, меѓу другото, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на настанот во општината со која се одбележа пуштањето во употреба на новата општинска зграда.
„Во општините, во населените места, во месните заедници, се одвива животот, секојдневниот живот на нашите граѓани. Затоа е многу важно да се фокусираме на локалните политики, на најпрактичните решенија кои ќе придонесат да им го направиме секојдневието на граѓаните од локалните средини поубаво и поквалитетно за живот. Да им овозможиме сѐ што е неопходно за пристојна живеачка, во средина која ги исполнува сите нивни барања“, истакна премиерот Заев.
Тој потенцираше дека градоначалникот Ацо Велковски, со поддршка на Советот, успеа, покрај враќањето на долговите, со домаќинско и транспарентно работење, да ја стави општината на здрави нозе и финансиски. Општината Лозово веќе е не задолжена и тоа ја става во кондиција финансиските средства што ги добива од граѓаните повторно да им се враќаат во проекти од интерес на сите жители на општината.
Во новата општинска зграда, покрај општинската администрација за краток временски период ќе бидат во функција и канцелариите на администрација на Јавното претпријатие за комунални дејност, како и на подрачните канцеларии на Агенцијата за вработување, на Министерството за труд и социјална политика и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Тоа е придонес повеќе за исполнување на дел од најважните прашања за граѓаните на општината како што се вработувањето, решавањето на социјалните прашања, и прашањата поврзани со земјоделството како најразвиена дејност во оваа наша македонска општина“, нагласи премерот Заев и упатувајќи честитки порача дека сега е најважно од добрите услови за работа да произлегуваат мерки и решенија во полза на граѓаните кои секогаш треба да бидат во центарот на вниманието.