24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Силјановска, Кедев, Дурловски и Ристовски нови стручни соработници на Мицкоски

Гордана Силјановска Давкова, Сашко Кедев, Игор Дурловски и Борко Ристовски се дел од новиот тим на стратешки соработници на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Како што рече тој, тимот се состои од натпартиски личности кои ќе работат на обновата на Македонија.

„Тимот е составен од натпартиски личности, со кои нè поврзува родољубието, патриотизмот и желбата да се помогне во обновата на Македонија. Овие луѓе ќе бидат мои соработници, а заедно ќе работиме во обновата која ќе ја донесеме за граѓаните на Македонија. Ќе ги црпам нивните знаења и искуства, заедно ќе работиме на понудата која ќе ја дадеме на граѓаните која ќе ја сочинува мојата, но и нашата заедничка визија за Македонија“, рече Мицкоски.

Во тимот којшто ќе работи со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се професорката Гордана Силјановска Давкова, докторот Сашко Кедев, професорот во пензија Владимир Дукоски, Хозе Тараско кој е вондреден професор на Кралскиот Универзитет „Хуан Карлос“ во Мадрид, Шпанија, кој ќе биде стратешки соработник за прашања од областа на економија, а оперскиот пејач Игор Дурловски ќе биде стратешки соработник за прашања од областа на културата.

Влатко Гигов ќе биде стратешки соработник за нови производи и социјални медиуми, стратешки соработник за напредни технологии и аналитика ќе биде Јанко Баждавела кој живее и работи во Њујорк, САД.

Ракометарот Борко Ристовски ќе биде соработник за прашања од областа на спортот, а за прашања од областа на енергетиката – Сања Божиновска. Акан Махмут ќе биде стратешки соработник од областа на туризмот, стратешки соработник од областа на трудовото право и социјалната политика ќе биде професорот Лазар Јовевски.

Во тимот соработници на Мицкоски се и Зоран Марков, Гоце Наумовски, Гоце Андревски, Александар Климовски и Коста Митровски./Makfax