Парламентарното мнозинство на чело со СДСМ на денешната собраниска комисија за труд и социјална политика го одби амандманот на ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на платите од 10% за администрацијата, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска-Стојкоски.
Со одбивање на нашиот амандман, рече таа, СДСМ покажа дека ова минимално зголемување од 5% е само политички маркетинг на власта.
„Минималните 5% кои што се предвидени во измените на предлог законот за исплата на плати се само популистичка мерка на СДСМ која што реално нема да го покачи стандардот на вработените во администрацијата. Доколку намерата на пратениците на СДСМ беше искрена ова покачување на платите ќе беше поголемо и ќе беше прифатен нашиот амандман за зголемување на платите од 10%. Наместо владата на Зоран Заев да се расфрла со пари за патувања и прошетки на функционерите или за плаќање на десетици советници, мора да најде средства за соодветно да ги покачи платите на административците“, рече Стаменковска-Стојкоски.
Според неа, покачувањето од 5% претставува потценување на вработените во администрацијата.
„Административците се уште едни во низата жртви на лагите и манипулациите на СДСМ. Покачувањето на платата за јавниот сектор беше ветување кое според СДСМ требаше да се оствари уште од јануари годинава. Денес сме 3-ти октомври и гледаме дека се уште не е реализирано. Дополнително поради некоординираноста и хаосот кој што го направи власта, веќе трет ден административците немаат земено плата, а во многу институции не се исплатени и редовната непокачена плата“, изјави Стаменковска-Стојкоски./Makfax