Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Ламберто Заниер. Претседателот Џафери нагласи дека во Република Северна Македонија високо се цени константната соработка и ангажманот на Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ.
Тој оцени дека земјата е на добар пат во целост да ги исполни одредбите на ОБСЕ, иако сè уште постојат одделни негативни перцепции, особено на ниво на локалните самоуправи.
Џафери нагласи дека, Собранието од 1993 година активно учествува во работата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, а во 2016 година беше домаќин на Петнаесеттата есенска сесија на ова меѓународно собрание.
Високиот комесар Заниер нагласи дека за нив работата со парламентите е од големо значење. Тој истакна дека неговата посета на Северна Македонија е по повод промоцијата на Стратегијата „Едно општество за сите и интеркултурализам“ и оцени дека, истата преставува позитивен концепт, изграден врз цврстите основи на Охридскиот рамковен договор. Потребни се дополнителни чекори за целосна интеграција во општеството, а Високиот комесар ќе ја охрабри Владата да ги вклучи сите заинтересирани страни во спроведувањето на Стратегијата. Тој информираше за средбите одржани во рамките на посетата, при што како позитивен го оцени новиот начин на интерпретација на политичките процеси во земјата.
Високиот комесар за национални прашања истакна дека ги следи меѓуетничките односи во целиот регион на ОБСЕ и заклучи дека, иако не постои идеален модел, во многу земји постојат добри примери. Тој нагласи дека реформите во образовниот систем во земјава ќе останат во неговиот фокус, со оглед на значењето на инклузивното образование во развојот на идните генерации. Истовремено, Заниер изрази поддршка за активната улога на Собранието во Парламентарното собрание на ОБСЕ, укажувајќи дека ВКНМ тесно соработува со овој меѓупарламетарен форум.
На средбата стана збор и за интеграциските процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО, при што Високиот комесар Заниер изрази надеж дека очекуваната одлука од Советот на ЕУ ќе биде во вистинската насока за стабилноста на земјата. Започнувањето на преговорите со ЕУ, според Заниер ќе претставува можност за адресирање на сите отворени прашања во општеството.