Денеска сме 2. октомври, а административците не ги земаа 5-те проценти покачување на платата, изјави денека Невенка Стаменковска Стојкоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, додавајќи дека и во многу институции не е исплатена ниту редовната непокачена плата.
„Иако на седницата на Владата уште на 8 јануари беше донесена Одлука за утврдување на вредноста на бодот за пресметка на плата на државните службеници, деновиве, девет месеци подоцна, во „5 до 12” министерката за финансии телефонски ги известувала раководителите во институциите дека платата која е веќе во процедура за да се исплати ќе биде стопирана“, рече Стаменковска.
Таа додаде дека предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите, поднесен од страна на министерката за труд и социјална политика, бил закажан да се разгледува на комисија на 7. октомври, меѓутоа по реакциите за хаосот, вчера попладне добиле известување за влегување на истиот закон во собраниска процедура, но сега потпишан од група пратеници, во скратена постапка.
„До кога непромисленото работење на министрите ќе се покрива преку пратениците во македонското собрание?
Без оглед на се, па дури и во наредната недела да се донесе законската измена, со што ќе се реализира најавеното зголемување, ова е некоректен однос на државата кон вработените и за ова бараме некој од надлежните да сноси одговорност“, рече Стаменковска.
Пратеничката изјави дека ВМРО ДПМНЕ ќе учествува конструктивно во предлог измените и ќе побара покачувањето на платите наместо 5 да изнесува 10 проценти.