Во рамките на Неделата на женски права и родова еднаквост, Американската стопанска комора (Амчам) и Националниот демократски институт (НДИ) беа домаќини на панел-дискусија на тема „Економско јакнење на жените“.
Американската амбасадорка Кејт Брнс, пратеничката Лилјана Затуроска, државната секретарка при Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, директорката за национална продажба на „Авон“, Дана Стојкова, истражувачката од Реактор, Снешка Илиќ, главниот извршен директор на ЕВН, Штефан Петер, и извршната директорка на Американската стопанска комора, Дијана Десподов, дискутираа за моменталната економска состојба на жените, како и за механизми за рамноправно учество на жените во економскиот, политичкиот и општествениот живот.
Како што информираат од „Амчам“, клучните забелешки кои произлегле од дискусијата се дека е неопходна имплементација на мерки за зголемување на учеството на жените во економијата, како поделено родителско отсуство, флексибилно работно време, и повеќе институции за згрижување деца и стари лица; конзистентност во политиките кои нема да се менуваат со секоја политичка гарнитура; координација и соработка помеѓу различните чинители во општеството во насока на економско јакнење на жените, особено во руралните области; обезбедување социјална сигурност за жените кои се самовработени; применување на добри практики и примери од други економии; како и надзор над имплементацијата на политиките и мерење на нивната ефикасност.
Американската амбасадорка Кејт Брнс ги запознала присутните со мерките на Владата на САД за економски јакнење на жените ширум светот преку Глобалната иницијатива за развој и просперитет на жените (W-GDP), истакнувајќи дека зголеменото учество на жените во економијата може да го зголеми глобалниот БДП за 12 трилиони долари до 2025. година.