25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Страшевски: Пратеник брутално се однесуваше со гостиварец пред неговото малолетно дете

„Вчера, Гостивар беше сведок на уште еден преседан, кој секојдневно го манифестираат моќниците од власта. Имено, пратеникот во Собранието на Република Македонија од нашиот град ја покажа својата бруталност врз наш граѓанин, само затоа што не го тргнал возилото“, изјави Лоран Страшевски од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Гостивар.

Според него, сведоците со чудење раскажуваат за едно неверојатно однесување на претставник од народот, чии гласови му ја довериле високата позиција на која се наоѓа.

„И уште повеќе, таа бруталност да ја покаже во присуство на малолетно лице, ќерка на жртвата, на која, покрај физичка, му е причинета и материјална штета на автомобилот.
Се прашуваме кој ни ја води државава? Кој нè претставува во највисокиот дом и кому му се дава имунитет? Зарем граѓаните треба да се плашат кога ќе видат пратеник или кој било претставник од власта, кој наместо да им помага и да им ги решава проблемите, се повикува на сопствениот имунитет и изигрува локален шериф?

Апсолутната власт, апсолутно расипува. Такво нешто се случуваше и со Курто Дудуш, со синот на Хари Локвенец и уште многу други примери. Упатуваме апел до институциите кои се одговорни, да преземат соодветни мерки и што е можно побргу да се разреши настанот бидејќи револтот меѓу гостиварци е голем. Да не се дозволи случајот да се прикрие бидејќи никој не е над законот, а најмалку оние што треба да бидат пример за почитување на правната држава. Слободата на движење на граѓаните никој не може и не смее да им ја одземе. Господа претставници од СДСМ, да се води држава е сериозна работа, а вие тоа, за жал, три години не можете да го сфатите. Бараме правда за нашите сограѓани!“, додаде тој.