23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

40 ГОДИНИ ПЕКАБЕСКО – Децениската успешна македонска приказна продолжува да се шири низ целиот свет

Малата барака со десетина вработени во која на 25 Септември во далечната 1979 година се смести новоформираното самостојно правно лице ПКБ-Скопје, денес го носи името Пекабеско и прерасна во лидер во производството на сувомесни производи и логистичко-дистрибутивната дејност. Резултатите на Пекабеско во изминатите 40 години се импресивни и ја прават компанијата вистинска успешна македонска бизнис приказна која незапирливо инвестира, воведува нови стандарди, го зголемува портфолиото на задоволни потрошувачи и брендови од Македонија и регионот и постојано ја зајакнува својата општествено-одговорна компонента.

Од мала фирма – дистрибутер на само еден бренд пред точно 4 децении, денес Пекабеско прерасна во компанија која има сопствени 2 производни капацитети и логистичко-дистрибутивен центар, а брои повеќе од 480 вработени. Во јубилејната 40 година од своето постоење компанијата влезе со реализирани рекордни приходи во висина од 78 милиони евра, како и рекорден профит од приближно 2 милиони евра.

Пекабеско во својата децениска традиција перманентно инвестира и гради стратегија на постојан раст и развој. Во 1998 година го гради првиот мал погон за производство на сувомесни производи под брендот на Пекабеско, а веќе 5 години подоцна се соочува со потреба од проширување на производствените капацитети. За таа цел, во 2003 година, компанијата гради нова, поголема фабрика за производство на сувомесни производи во Шуто Оризари која има производствен капацитет од 260 тони месечно.

Како резултат на успехот на својот бренд кој за кратко време достигна одлични резултати и препознатливост на пазарот, во 2012 година, Пекабеско инвестира 13 милиони евра и го отвора својот досега најголем Производствено-логистички центар во Кадино, Илинден со површина од 19.700 м2 и капацитет на производство од 1.050 тони месечно. Вклучувајќи ја оваа инвестиција, Пекабеско, само во изминатите 7 години, има вложено околу 20 милиони евра.

Низ годините постојано се зголемува и бројот на сертификати и стандарди со кои се одликува Пекабеско. Тие претставуваат дополнително признание за успешната работа на компанијата и почитувањето на врвните стандарди во производството и дистрибуцијата. Така, во 2008 година Пекабеско целосно го имплементираше HACCP стандардот, а веќе следната година се вброи во македонските компании кои го имаат добиено признанието SUPERBRANDS. Исто така, Пекабеско денес е една од неколкуте компании од Македонија сертифицирани според меѓународниот стандард ISO 22000: 2005. Сертификацијата беше направена од страна на меѓународната престижна сертификациска куќа TÜV NORD CERT.

Производите под брендот Пекабеско, покрај во Македонија, можат да се најдат и на пазарите во Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Годинава, Пекабеско доби и европски извозен број и посветено работи на проширување на дистрибутивната мрежа на пазарите во земјите-членки на ЕУ и освојување на нови задоволни потрошувачи ширум целиот свет.

Пекабеско доби и Халал сертификат врз основа на одлуката на Ријасетот на Исламската верска заедница на Република Македонија, со што во 2018 година го реактивираше производствениот капацитет во општина Шуто Оризари. За оваа намена беше направена инвестиција во висина од 200 илјади евра со цел репарација на стариот производствен објект во општината. Исто така, компанијата вложи и дополнителни 400 илјади евра во опрема и машини од познати германски брендови. Производите веќе се пласираат во нашата земја, како и на дел од пазарите во регионот под брендот на Пекабеско, Тимко.

За да пристапи кон финализација на процесот на производство од набавка на суровина до финален производ под еден кров, истата 2018 година Пекабеско ја основа лабораторијата за техничко испитување и анализа „ТИМКО ЛАБ“.

Компанијата изминативе години инвестира со серија на еколошки и проекти од доменот на јавното-приватно партнерство. Преку вложување на 300 илјади евра за изградба и опремување на прочистителна станица, Пекабеско од 2017 година врши прочистување на отпадните води кои се испуштаат во текот на производствениот процес до ниво на води од втора категорија, односно вода погодна за растителниот и животинскиот свет.

Пекабеско инвестира и сопствени средства во износ од над 350 илјади евра, пуштајќи во функција фотоволтаична централа од 512 kWh. Со изградбата на прочистителната станица и фотоволтаичната централа, компанијата целосно го заокружува и процесот на производство од набавка на суровина со финален производ под еден кров.

Оваа година, во општина Шуто Оризари, компанијата издвои сопствени средства во висина над 125 илјади евра за изградба на надворешна атмосферска канализација во должина од околу 250 метри, атмосферска канализација во кругот на фабриката од 120 метри, како и асфалтирање на надворешна улица со должина од речиси 250 метри.

Во делот на инвестициите за заштита на животната средина, компанијата постојано вложува и во менување на возниот парк со посовремени и поеколошки возила.

Пекабеско, во изминатите 40 години незапирливо инвестира и во градењето на доверба и меѓусебна лојалност со потрошувачите. Покрај зајакнувањето на производствените и дистрибутивните стандарди, проширувањето на палетата на производи според барањата на потрошувачите, компанијата постојано вложува во заедницата и со тоа ја зајакнува својата општествено одговорна улога во општеството.

Компанијата постојано поддржува голем број меѓународни младински конференции, културни настани и институции, спортски кампови за деца и слично. Со ваквиот пристап, покрај поддршката, Пекабеско има за цел и мотивација на останатите компании во своите приоритети да ја стават хуманата димензија и грижата за заедницата.

Започнувајќи од 2015 година, во соработка со интернет заедницата и Црвениот Крст, Пекабеско спроведува акција за доделување на пакети со храна за социјално загрозени семејства. Соработката со Црвениот Крст годинава беше дополнително зајакната преку поддршка на пунктот за бездомни лица во Скопје со донирање на производи од страна на компанијата на годишно ниво.