24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ бара од опозицијата да одговори дали Камчев им ја финансирал изборната кампања

„Дали сите донации за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори се регистрирани во Финансискиот извештај за претседателските избори?“, прашува СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ да не ја брка мувата од капата туку да каже за Орце Камчев и дали сите донации се регистрирани во Финансискиот извештај, порача владејачката партија преку соопштение. СДСМ побара од опозицијата да одговори дали Камчев, преку негови фирми ја финансирал кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за последните претседателски избори.

„Официјални податоци укажуваат дека истиот ден кога од фирмата за дијализа „Диамед“ биле префрлени 9 милиони евра во Монако, Новачевски, кумот на Никола Груевски од првиот брак, отворил сметка во Монако. За фирмата „Диамед“ ВМРО-ДПМНЕ треба да се обрати во Будимпешта кај Груевски и во Монако кај неговиот кум Новачевски“, порача СДСМ.

Сите сознанија, велат од владејачката партија, укажуваат на тоа дека зад фирмата „Диамед“, стојат Никола Груевски и неговиот кум од првиот брак Ристе Новачевски, за што истрага води и Обвинителството за организиран криминал.

„Со месеци ВМРО-ДПМНЕ лажно обвинуваше за криминал и незаконски постапки, за на крајот да излезе Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и да соопшти дека јавните набавки во здравството се кристално чисти по што се прекинати предистражните постапки“, додава СДСМ во соопштението.

Социјалдемократите тврдат дека не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да конструира лажни случаи во здравството.