Министрите за финансии на Европската Унија (ЕУ) поддржаа поедноставување на фискалните правила што ќе ги направи потранспарентни и предвидливи.Висок официјален претставник на Европската комисија (ЕК) рече дека е потребно уште многу за да се усогласат околу овие промени.
Потпретседателот на Еврокомисијата, Валдис Домбровскис, по состанокот на министрите за финансии во Хелсинки рече дека начелно е прифатена идејата којашто ја изнесел независниот Европски фискален одбор (ЕФБ) да се фокусираат на правилата за долгот и државната потрошувачка. Тој истакна дека многу земји-членки се за поедноставување на правилата со цел да се зголеми транспарентноста и предвидливоста.
По измените во 2005, 2011 и 2013 година, правилата станаа толку сложени што Комисијата објавува прирачник од скоро 100 страници секоја година за да објасни како функционира сето тоа, заедно со многу исклучоци. Клучните два елементи на правилото се ограничување на буџетскиот дефицит од три проценти на бруто домашниот производ (БДП) и максималното ниво на јавен долг од 60 проценти.