25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев: Со поддршката на ЕУ и Светска банка се подобруваат условите за живот на граѓаните

Во Клуб на пратеници денеска се одржа завршниот настан од реализацијата на проектот за рурална инфраструктура финансиран од ИПА-грант од ЕУ и општинско финансирање на којшто се обратија премиерот Зоран Заев, министерката за финансии, Нина Ангеловска, амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Семуел Жбогар, и директорот на Канцеларијата на Светска банка во Република Северна Македонија, Марко Мантованели.

„Инфраструктурниот развој на руралните средини е клучен за економскиот развој. Од таму капиталните инвестиции насочени кон нови реконструирани патишта, нови градинки, училишта, проекти што ќе им помогнат на семејствата од руралните средини да имаат пристап до почиста вода се наш приоритет. Со поддршката на нашите партнери ЕУ и Светска банка ја градиме Република Северна Македонија и овозможуваме низ повеќе градови, села и населени места да се подобруваат условите за живот на граѓаните. Реализацијата на проектите овозможуваат одржлив економски, социјален и територијален развој на земјата и влијаат врз намалување на регионалните разлики преку изградба и подобрување на инфраструктурата во руралните средини. Само преку овој посветен пристап кон реализација на ваков тип проекти може да очекуваме и зголемување на рамномерниот регионален развој“, додаде премиерот Заев.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, на настанот нагласи дека со обезбеден рамномерен развој се обезбедува и напредок во државата.

„Не можеме да зборуваме за модерна држава доколку немаме атмосферска канализација. Не смееме да дозволиме училиштето ‘Киро Глигоров’, да биде единственото современо училиште. Ни требаат бројни такви училишта. Преку капиталните инвестиции, ние инвестираме во нашата лична изградба и иднина. Многу ми е драго што кај овој проект имаме 98 проценти реализација на предвидените инвестиции и вака треба да се реализираат сите предвидени проекти. Со труд и посветеност се завршени 135 проекти вредни 1,3 милијарди денари. Мала земја сме, имаме потенцијал брзо да се менуваме и напредуваме. Ако сакаме, ако работиме напорно, ако се заложиме максимално за доброто на секој еден од нас да знаете дека и можеме. Сакам да ви честитам на сите кои учествувавте во реализацијата на проектите, на сите кои со тоа направивте промена во вашите општини и да ве охрабрам да продолжите со уште посилно темпо!“, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска, на завршниот настан од реализацијата на проектот за рурална инфраструктура финансиран од ИПА-грант од ЕУ преку Светска банка.