Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност во МВР, во соработка со СВР Охрид и Одделот за специјални полициски операции, а во координација со Основното јавно обвинителство Струга, сузби криминална група која се занимавала со набавка и продажба на марихуана во Струга, Охрид, Битола,Велес и Тетово. Во повеќе координирани акции досега уапсени се 10 лица, државјани на РСМ и при претресите се запленети околу 20 килограми марихуана, други опојни дроги, седум возила и еден мотоцикл.
Како што соопшти МВР, во текот на истрагата било утврдено дека групата била предводена од Л.Г.(25) од Струга, кој бил задолжен за набавка, организирање на транспорт и дистрибуција до уличните дилери заради понатамошна препродажба и М.Д.(23) од Струга, кој дрогата ја криел во викенд куќа во с.Горна Белица, каде таа била пакувана и доставувана на Л.Г. за понатамошна продажба.
„На почетокот на август 2019 година на регионалниот пат Ресен-Битола извршен бил преглед во патничко возило ‘мазда’“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Д.Д.(38) од Велес и биле пронајдени околу 4,5 килограми марихуана, додека при претрес во неговиот дом биле пронајдени и одземени уште 2,5 килограми марихуана. Исто така, во рамки на спроведеното истражување на подрачјето на Охрид, од слобода се лишени лицата Л.Г.(34) и А.В.(38), двајцата од Скопје. При претрес во апартман во населба Лагадин, каде што привремено престојувале и во патнички возила ‘опел вектра’ и ‘фолксваген пасат’, биле пронајдени и одземени околу три килограми марихуана. На средината на август на влезот на Битола, при преглед на патничко возило ‘мицубиши’ управувано од З.К.(32) од Битола, била пронајдена и одземена марихуана, за што била поднесена соодветна пријава. При крајот на август од слобода се лишени Н.М.(52) и Г.М.(26), двајцата од Тетово, бидејќи при преглед на патничко возило ‘бе-ем-ве’ на регионален пат с.Фалише и с.Сараќино биле пронајдени и одземени околу 10 килограми марихуана. Сите овие лица дрогата ја набавувале од Л.Г. и М.Д.
Исто така, на 4.9.2019 извршени се претреси на повеќе локации во Охрид и Струга кај членови на криминалната група. Во Охрид се извршени претреси на две локации, кај П.К.(34) и Р.Т.(29), при што била пронајдена и одземена марихуана. На подрачјето на Струга извршени се претреси на дом и други простории на пет локации и тоа кај лицата Л.Г. и М.Д., при што биле пронајдени и одземени две дигитални ваги, патни торби со остатоци од марихуана, мобилни телефони, СИМ-картички, пиштол „Чешка Зброевка“, една рамка и 16 куршуми, патничко возило ‘фиат пунто’ и мотоцикл ‘трува’. Сите четворица биле лишени од слобода и против нив ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
Врз основа на судска наредба извршен е претрес и во дом и други простории кај лицето М.М.(32) во Струга поради сомнение за инволвираност во недозволена трговија со дрога. Притоа, биле пронајдени и одземени марихуана и шишиња исполнети со непозната течност, за што по извршено вештачење дополнително ќе биде поднесена кривична пријава против лицето М.М.