Министерот за култура, Хусни Исмаили, денеска во својот кабинет оствари средба со директорот на Турскиот културен центар – Институт „Јунус Емре“, Серхат Кула.
На средбата министерот Исмаили и директорот Кула го изразија своето задоволство од досегашната соработка во делот на културата, а стана збор и за идните проекти со кои ќе се придонесе за развивање и продлабочување на пријателските односи и меѓукултурната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Турција. Во тој контекст директорот Кула информира за реализацијата на повеќе проекти, културни активности и курсеви, кои придонесоа за афирмација и презентација на Турција, турската култура, уметност, историја и традиција, како и за подоброто запознавање на турскиот и македонскиот јазик, културата и религијата на двете земји.
Двајцата соговорници го изразија своето задоволство и од текот на активностите за заокружување на процедурата за отворање на Македонскиот културен центар во Истанбул, како и за процедурата за објектот Куршумли ан, каде што ќе биде сместен Турскиот културен центар.
На средбата министерот Исмаили истакна дека токму отворањето на културно-информативните центри во Скопје и во Истанбул е уште една можност локалните култури да добијат глобални размери.