25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Шилегов: Оваа година без палење стрништа, земјоделците бесплатно ќе го одлагаат отпадот

Град Скопје почнува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата со цел намалување на загаденоста на воздухот и зачувување на плодноста на почвата, најави градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција.

„До сега стрништата, плевелите и другите растителни отпадоци беа палени поради тоа што на земјоделците не им беше понудена алтернатива за одлагање на отпадот од бербата независно од тоа што палењето ја уништува плодноста на почвата и создава штетни материи што го загадуваат воздухот и претставуваат опасност за здравјето на сите, а особено на оние што се во близина“, рече Шилегов.

Тој додаде дека палењето стрништа, плевели и други растителни отпадоци ги уништува и микрофлората и фауната во обработливиот слој на почвата – она што ја прави земјата жива, плодна и самообновувачка. Исто така, нагласи дека палењето стрништа и земјоделски површински во временски услови кога имаме високи температури се фактор што има голема улога во појавата на пожари, кои покрај огромната штета што ја нанесуваат на земјоделските култури, претставуваат и сериозна опасност за човечкиот живот.

„Во соработка со градските претпријатија, УНДП и „МДЦ-Ти.нет“, спроведуваме кампања за едукација од штетните последици од палењето на стрништата и првпат ќе им понудиме решение на земјоделците за бесплатно одлагање на отпадот од бербата. Во периодот до 30 септември Град Скопјеќе им биде на располагање на сите земјоделци што имаат каков било отпад од берба и со наша помош бесплатно да го отстраниме од полињата како би се спречило негово палење“, рече Шилегов.

Сите земјоделци од скопските општини може да се пријават на телефонскиот број 071 395 395 и на вработените во Град Скопје да им ги остават своите податоци секој работен ден од 8 до 20 часот, а Градот по претходно утврден план и редослед, реонски, бесплатно ќе го собира растителниот отпад и ќе го одлага во „Дрисла“.

„Апелирам, по пријавувањето, со цел брзо и ефикасно отстранување на отпадот, земјодеците да го одложат отпадот од бербата на локација што ќе биде пристапна за механизацијата. Сите земјоделци што ќе се пријават однапред ќе знаат во кој ден од неделата ќе биде отстранет отпадот. Замолувам, доколку е возможно, покрај податоците, да ни остават и точна локација (на „Вибер“). Сакам да ги потсетам земјоделците дека палењето стрништа е казниво со закон. До сега ваквите палења не беа санкционирани поради тоа што на земјоделците не им беше понудена алтернатива за овој вид отпад. Сега нудиме решение што ќе биде ефикасно, а најважно е тоа што нема да претставува дополнителен трошок за граѓаните“, изјави Шилегов.

Тој укажа и дека Градот ќе врши засилени инспекциски контроли на терен и соодветно ќе биде санкционирано секое палење стрништа, плевели и други растителни отпадоци.

Инспекторите на Град Скопје имаат можност да снимаат со дронови, што ќе го скрати времето наменето за обиколување на земјоделските површини, а ќе даде точна локација според имотен лист за имотот на кој се пали растителен отпад.