25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Заев-Аврамова: Се зголемува економската соработка и бизнис-релациите со Бугарија

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, и владина делегација, денеска во Владата прими делегација на Република Бугарија предводена од министерката за регионален развој и урбанизам, Петја Аврамова.

На средбата премиерот Заев истакна дека две години по потпишувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, постигнат е значаен напредок во соработката меѓу двете земји во повеќе сектори и е зајакнат политичкиот дијалог.

„Владата на Северна Македонија е посветена на интензивирање квалитетна и модерна патна мрежа, инвестираме во водоводните системи како значајни проекти за заштита на животната средина и обезбедување поквалитетен живот на граѓаните. Вложувањата се поттик за економски развој и соработка со соседите во сериозни инвестиции во областа на земјоделството, рударската индустрија и други сектори“, рече премиерот Заев. Истовремено, тој се заблагодари за големата поддршка што Република Бугарија ја дава на нашиот пат за зачленување во НАТО и Европската Унија.

На средбата беше истакната посветеноста на двете страни за реализација на проектите што се од особено значење за меѓусебната поврзаност, со фокус на Коридорот 8, како и подобрување на прекуграничната соработка на двете земји со поддршка на фондовите од Европската Унија.

Беше истакнато дека двете страни, Северна Македонија и Бугарија, го интензивираат спроведувањето на договорот за пријателство и соработка и истакнаа дека за тоа сведочат повеќе меморандуми за соработка, кои досега се потпишани.

Во рамките на денешната посета на бугарската делегација, во Владата на Северна Македонија беше потпишан меморандум за соработка меѓу Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија и Министерството за регионален развој и урбанизам на Бугарија, кој се однесува на подобрување на политиката за прекугранична соработка и локална самоуправа и за зајакнување на институционалните капацитети на Министерството за локална самоуправа за спроведување на европските политики и проекти.